понеделник, 27 јули 2026

Санкциите на ЕУ против Русија ги приземјија најдобрите шпански противпожарни хеликоптери

Шпанија влезе во сезоната на висок ризик од шумски пожари со значително ослабени воздушни капацитети, бидејќи повеќе не може да ги користи хеликоптерите „камов Ка-32 11БЦ“, кои со децении беа клучен дел од системот за гаснење пожари. Причината не се буџетски кратења, туку санкциите што Европската Унија ѝ ги воведе на Русија по инвазијата врз Украина, пишува шпанскиот весник „Ла Разон“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трговските санкции го спречуваат доаѓањето на руски техничари за задолжителното сервисирање на хеликоптерите, а истовремено ја оневозможуваат и набавката на резервни делови неопходни за безбедно летање. Без тоа одржување, леталата не можат да добијат дозвола за летање во европскиот воздушен простор.

Станува збор за хеликоптери што можат да исфрлат повеќе од 5.000 литри вода за само неколку секунди. Пожарникарите велат дека нивната прецизност и двојниот ротор се од клучно значење за ефикасно локализирање на пожарите.

Шпанската влада официјално призна дека капацитетите за противпожарна заштита се значително намалени, бидејќи осум вакви хеликоптери се надвор од употреба. Во изминатите години тие беа распоредени во бази во Андалузија, Арагон, Екстремадура и Гвадалахара.

Според порталот Обџектив, шпанската влада не побарала од Брисел техничко изземање што би овозможило овие хеликоптери повторно да летаат. Иако парламентарната група „Сумар“ предложила санкциите да не важат за овие летала, предлогот не бил прифатен. Во изминатата година Мадрид не поднел официјално барање до европските институции по ова прашање.

Поради новонастанатата состојба, приватните компании што обезбедуваат противпожарни услуги за државата морале да ги приспособат своите флоти. Компанијата „Пегасус“, еден од главните оператори, потврди дека хеликоптерите „камов“ повеќе не се дел од нејзината понуда, бидејќи нивното одржување станало правно и технички невозможно според важечките стандарди за цивилно воздухопловство.

Поради тоа, надлежните министерства се принудени да бараат замена на западниот пазар. Владините извори наведуваат дека достапните алтернативи се помалку ефикасни и значително поскапи. Додека се во сила европските санкции против руската воздухопловна индустрија, шпанските шуми ќе останат без поддршката од овие клучни противпожарни хеликоптери.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ