Комитетот на УНЕСКО, кој заседава во Бусан до среда, ги впиша и древните јапонски престолнини Асука и Фуџивара, како и миграцискиот предел Бома–Бадингило во Јужен Судан, дом на една од најголемите миграции на копнени цицачи во светот и прв локалитет од оваа земја што се најде на Листата на светско наследство.
Француската номинација ги опфаќа петте плажи во Нормандија – Омаха, Јута, Сорд, Голд и Џуно – каде што на 6 јуни 1944 година се истоварија повеќе од 150.000 сојузнички војници, како и местото на нападот Поент ди Ок. Сите овие локалитети имаа клучна улога во кампањата за ослободување на Западна Европа од нацистичката окупација за време на Втората светска војна.
Меѓународниот совет за споменици и локалитети, кој ги оценува кандидатурите за Комитетот за светско наследство, соопшти дека на овие места се зачувани многубројни остатоци – од германски утврдувања и пејзажи обележани од бомбардирањата, до сојузнички пристанишни конструкции и потонати бродови. Според Советот, тие сведочат за „настан што нашироко се смета дека го овозможил враќањето на слободата и најавил траен мир на европскиот континент“.

Советот повика и на поинтензивен мониторинг и зачувување на локалитетите, предупредувајќи дека тие се изложени на потенцијални закани од туризмот, климатските промени, порастот на нивото на морето и изградбата на ветерни паркови во нивна близина.
Постојаната претставничка на Франција во УНЕСКО, Ахлем Гарби, изјави дека истоварувањето во Нормандија претставувало пресвртница од глобален конфликт кон повоен поредок заснован на мир и безбедност и дека впишувањето на овие локалитети има дополнително значење во време на сè поголеми меѓународни кризи и војни.
„Тоа е веројатно најголемото амфибиско истоварување во историјата. Само поради тоа треба да остане запаметено“, изјави историчарот Дејвид Еџертон во неодамнешно интервју за Асошиејтед прес.
Впишувањето на Олимп, митскиот дом на 12-те олимписки бога, претставува круна на 12-годишните напори на Грција нејзината највисока планина да биде признаена како локалитет со мешано културно и природно наследство.
Со височина од 2.918 метри и подножје речиси на нивото на морето, Олимп во старогрчката митологија се сметал за престол на Зевс, кралот на боговите, а воедно претставува и подрачје со исклучително богата биолошка разновидност.
Градоначалникот на општината Дион–Олимп, Евангелос Геролиолиос, изјави во неодамнешно интервју за Асошиејтед прес дека впишувањето на Листата на светско наследство „носи уште поголема обврска да се заштити оваа природна средина“, посочувајќи на можните последици од зголемениот туризам.
„Ја потврдуваме нашата непоколеблива посветеност на зачувувањето на Олимп во корист на сегашните и идните генерации“, изјави претставникот на Грција во УНЕСКО, Георгиос Кумуцакос.
„Како што нè потсетува старогрчката митологија, секогаш е најдобро да се биде во добри односи со боговите.“
Јапонските локалитети што беа впишани се наоѓаат во западната префектура Нара и опфаќаат 19 археолошки локалитети од престолнините Асука и Фуџивара, кои постоеле меѓу шестиот и осмиот век, кога Јапонија ја воспоставила својата прва централизирана држава, по примерот на кинеските државни системи. На овие локалитети се зачувани, главно под земја, остатоци од кралски палати, владини згради, будистички храмови и гробници од тогашните престолнини, кои подоцна влијаеле врз развојот на престолнините Нара и Кјото.
Заменик-министерот за култура на Јапонија, Шигеки Кобајаши, му се заблагодари на Комитетот за впишувањето на локалитетите Асука-Фуџивара и изјави дека Јапонија ја потврдува својата посветеност „ова вредно наследство да им го пренесе на идните генерации“. Јапонската премиерка Санае Такаичи, која потекнува од Нара, напиша на Икс дека се надева оти статусот на светско наследство ќе придонесе за развојот на туризмот во овој регион.
Јошијуки Аихара, професор по археологија на Универзитетот Нара, изјави за Асошиејтед прес дека овие локалитети се значајни бидејќи покажуваат како била создадена древната јапонска држава под влијание на Кина и Корејскиот Полуостров.
„Ако копате околу еден метар под овие оризови полиња, ќе почнете да наоѓате големи остатоци од древните населби во ова подрачје, иако тоа не е лесно да го разберат обичните посетители“, вели Аихара, кој продолжува со археолошките ископувања на локалитетот.
Локалитетот Бома-Бадингило во Јужен Судан опфаќа огромни мочуришта, поплавени низини и савани обликувани од сезонските врнежи и поплави. Се проценува дека околу шест милиони бели коби, антилопи тианги и газели монгала мигрираат низ ова подрачје како одговор на променливите услови во животната средина.
Според УНЕСКО, локалитетот е живеалиште и за слонови, лавови, гепарди и други диви животни, а истовремено обезбедува услови за живот на различни етнички заедници што со векови се занимаваат со сточарство, земјоделство и риболов.





