понеделник, 27 јули 2026

Ако пред нас на Земјата живеела друга напредна цивилизација, ќе знаевме ли?

Кога астробиологот Адам Франк влегол во канцеларијата на научникот на НАСА Гавин Шмит, го имал, како што верувал, најчудното прашање што можел да го постави: дали вонземјаните доживуваат климатски промени? Но на Шмит му биле потребни само неколку моменти да постави едно уште почудно прашање.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Франк, професор на Универзитетот во Рочестер кој трага по знаци на живот во вселената, истражувал дали напредните цивилизации неизбежно предизвикуваат климатски промени, исто како што тоа денес го прават луѓето. Тој ги проучувал другите планети и му рекол на Шмит тој ден во 2017 година: „Бидејќи, се разбира, знаеме дека на Земјата немало други цивилизации пред нас.“

Шмит веднаш го прекинал, пишува Си-ен-ен.

„Од каде го знаеш тоа?“, го прашал.

Тоа било момент што целосно го променил текот на разговорот, вели Франк, и ги навел двајцата научници да започнат истражување. Ако пред милиони години на Земјата постоела напредна цивилизација, која користела енергија и самата се уништила, дали ние денес би знаеле за неа? Дали та би оставила траги од своето постоење врежани во записот за историјата на нашата планета?

Тие ја нарекле оваа идеја „Силуриска хипотеза“, според измислената напредна раса на влекачи од телевизиската серија „Доктор Ху“, и во 2018 година објавиле научен труд за неа.

Тоа е идеја што го поместува начинот на размислување, бидејќи не само што навлегува длабоко во минатото на Земјата, туку гледа и далеку во нејзината иднина, додека луѓето брзо и драматично ја менуваат климата преку согорување фосилни горива. „Ова е мисловен експеримент, но таков што ја открива нашата потенцијална ранливост на глобално ниво“, вели Кетрин Хејхо, атмосферска научничка од Технолошкиот универзитет во Тексас, која не учествувала во истражувањето.

Силуриската хипотеза отвора големи прашања за патот по кој се движат напредните цивилизации и за тоа дали сите цивилизации што користат енергија на глобално ниво се осудени на пропаст, или, пак, постои можност да живеат одржливо и да опстанат милиони години.

„Овие прашања се исклучително важни токму за времето во кое живееме“, вели Франк. „Ја туркаме планетата во нов климатски режим… знаеме дека тоа е вистина, нели? А сепак не правиме ништо во врска со тоа.“

Силуриец – измислен лик од телевизиската серија „Доктор Ху“, кој ѝ припаѓа на напредна раса на влекачи што постоела пред луѓето

Причината поради која Шмит размислувал за можноста дека на Земјата претходно постоеле напредни цивилизации лежи во еден настан од далечното минато.

Пред околу 55 милиони години, климатските показатели на планетата нагло излегле од рамнотежа. Глобалните температури се зголемиле за околу 8,3 Целзиусови степени, а екосистемите се распаднале откако во атмосферата биле ослободени огромни количества јаглерод, кој ја загрева планетата.

Овој период, познат како Палеоценско-еоценски термален максимум, првпат бил забележан во 1990-тите години. Можно е да бил предизвикан од огромна вулканска ерупција или од ненадејно ослободување метан. Но точната причина и понатаму останува мистерија. Она што го заинтересирало Шмит биле сличностите со денешните случувања, кога луѓето ги зголемуваат температурите и предизвикуваат исчезнување на видови.

И тоа не е единствената необјаснета промена во далечното минато на Земјата што потсетува на денешната состојба. Во други периоди океаните останувале без кислород, а температурите нагло се зголемувале.

Најверојатно станува збор за природни климатски настани. Но што ако не биле? Како ние би знаеле? Во својот труд, Франк и Шмит ги разгледуваат можните докази што би можеле да укажуваат на постоење напредна цивилизација во далечното минато.

Денес само околу еден процент од површината на Земјата е урбанизиран, а на она што сме го изградиле не би му било потребно многу време за да исчезне. Колку подалеку во минатото постоела една хипотетичка цивилизација, толку потешко би било да се најдат директни докази за неа, како што се предмети.

Во текот на милиони години планетата постојано се преобликува додека тектонските плочи се поместуваат, вулканите еруптираат, а копното еродира. Најстарото големо копнено подрачје на Земјата е пустината Негев во јужен Израел, стара околу 1,8 милиони години.

Површинските обележја можеби не би дале многу докази, па затоа научниците се насочиле кон фосилите. Сепак, исклучително мал дел од животинските видови воопшто се фосилизираат, а уште помал дел од тие фосили некогаш се откриваат. Диносаурусите ја населувале Земјата околу 180 милиони години, но досега се пронајдени само неколку илјади речиси целосно зачувани фосили.

Би било лесно да се пропушти една цивилизација што постоела само 100.000 години – само еден миг во 400-милионската историја на сложениот живот на планетата.

Потоа истражувачите ги разгледале трагите што би ги оставиле хемиските промени. Помислете на Големиот Кањон, вели Франк, каде што може да се видат слој по слој, кои претставуваат различни периоди од историјата на Земјата. „Секој од тие слоеви е составен од издробени карпи што го зачувале сеќавањето на тогашната хемија на Земјата.“ Ако некоја претходна цивилизација ја променила хемијата на планетата – како што луѓето денес ја менуваат со испуштање огромни количества јаглеродно загадување – тогаш можеби би постоел запис за тоа.

Научниците размислувале и за други докази што луѓето би можеле да ги остават по исчезнувањето на нашата цивилизација, како огромните количества пластика, вештачките хормони што се користат во земјоделството и долготрајните хемикалии што не се разградуваат во животната средина. Сето тоа би можело да се појави во идните седиментни слоеви, милиони години подоцна. Истото важи и за тешките метали што се користат во електрониката.

Целта на научниот труд не била да се докаже дали Силуриската хипотеза е точна, вели Франк. Наместо тоа, идејата била „да се покаже што точно треба да се бара, со многу поголема прецизност, за да се утврди дали некогаш пред нас постоела цивилизација“.

И Франк и Шмит се наоѓаат во необична ситуација – напишале научен труд за теорија во која ниту еден од нив не верува. Тие само велат дека засега не можеме целосно да ја исклучиме.

Изгледа дека никој не го прифатил повикот за подлабоко истражување во годините што следувале, но некои научници поставиле одредени прашања.

Јан Заласјевич, геолог, палеонтолог и почесен професор на Универзитетот во Лестер во Велика Британија, вели дека Силуриската хипотеза е „прекрасна и длабоко инспиративна идеја“. Но според него, Шмит и Франк потцениле колку современите луѓе ја промениле планетата, како и „ефикасноста на процесот на фосилизација и неговата способност да ја зачува историјата на она што се случувало на нашата планета“.

Не можеме целосно да ја исклучиме можноста за интелигентни општества што постоеле пред луѓето – „да речеме, диносауруси што можеле да пеат сложени оперски арии или јурски амонити што можеле да пишуваат поезија“, вели Заласјевич, коавтор на книгата од 2025 година „Отфрлено: како технофосилите ќе станат нашето крајно наследство“. Но штом ќе се изградат градови, ќе се топат метали, ќе се произведува и фрла пластика – сето тоа ќе остави јасна трага, додава тој.

Заласјевич смета дека може со сигурност да се исклучи можноста пред нас да постоела напредна цивилизација од типот на денешната – „цивилизација што троши огромни количества енергија, ја преобликува околината, гради во голем обем и создава огромни количества отпад“.

И токму тоа е убавината на науката, вели Франк. „Објавувате научен труд и си велите: ‘Одлично, ова е навистина добро’, а потоа ќе се појави некој и ќе ви каже дека не сте во право.“ Некој друг можеби ќе открие докази што ќе укажуваат во поинаква насока, а со текот на времето, како што ќе се акумулираат нови истражувања, ќе се формира научен консензус.

Засега, можеби најважната причина за истражување на оваа хипотеза се прашањата што таа ги отвора за долговечноста на напредните технолошки цивилизации, каква што е и нашата.

„Доволно сме паметни за да развиеме технологија, но можеби не сме доволно паметни за да сфатиме како да се справиме со климатските последици што таа ги предизвикува“, вели Франк. „Дали сме само еден експеримент што планетата го спровела – експеримент што ќе заврши со неуспех?“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ