понеделник, 27 јули 2026

Осомничениот за нападот на ЛГБТК-парадата во Берлин е убиен во полициска акција

Осомничениот за нападот со возило на Парадата на гордоста во Берлин е убиен за време на полициска акција во комплекс со градинарски парцели во берлинското предградие Шпандау, соопшти полицијата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Нападот со возило се случи во саботата околу 22 часот во паркот Тиргартен, во близина на Бранденбуршката порта, недалеку од манифестацијата Кристофер Стрит деј, една од најголемите годишни ЛГБТК-паради во Европа. Едно лице загина, а 29 се повредени, соопштија властите.

„Околу 18 часот осомничениот за вчерашниот напад во Тиргартен беше лоциран во комплекс со градинарски парцели во Шпандау“, објави берлинската полиција на Икс.

„Според првичните информации, тој потрчал кон полицајците вооружен со ладно оружје, по што полицијата отворила оган. И покрај тоа што припадниците на Берлинската противпожарна служба веднаш се обиделе да го реанимираат, тој починал на местото на настанот.“

Портпаролот на Сојузното обвинителство потврди дека едно лице било застрелано и прогласено за мртво, пренесе Ројтерс.

Берлинската полиција претходно го идентификуваше осомничениот како Абдул Б. (21) и ја објави неговата фотографија, повикувајќи ги граѓаните да достават информации за неговото движење.

Осомничениот „и претходно им бил познат на властите поради голем број кривични дела, радикализација и припадност на исламистичката сцена“, изјави претходно министерот за внатрешни работи Александер Добринт.

Тој додаде дека станува збор за германски државјанин со либанско потекло, роден во Германија во 2005 година.

Ова е најновиот во низата напади со возила врз собрани луѓе во Германија во последните години, што дополнително ја засили дебатата за безбедноста и имиграцијата во време кога расте поддршката за крајната десница.

Во пресрет на комеморацијата во Црквата Света Марија во Берлин, канцеларот Фридрих Мерц ги повика германските граѓани да ги заштитат либералните вредности.

„Ќе ги браниме слободата, отвореноста и либералниот дух на нашиот живот и нашето општество со сите средства што ни стојат на располагање“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ