На терен сега се осуммина професионалци кои спречуваат да се шират жариштата. Нема материјална штета зашто теренот е карпест со ниска, сува вегетација. На овој локалитет секоја година има пожари.
„Гори сува трева во непристапен, карпест терен, нема материјална штета. Добро е што во текот на вчерашниот ден успеавме да се спречи пожарот во долниот дел каде има имоти, викенд-куќи од наши сограѓани. Денеска ќе се работи на теренот. Имаме три жаришта. Сега моментално се работи на двете жаришта. Едното жариште, кое е најкритично, кое оди накај репетиторот, во тој случај може да премине кон манастирот Трескавец. Ако треба дополнителни сили, од ТППЕ-Прилеп ќе се ангажираат, меѓутоа моментално на терен се 8 лица: три од ТППЕ, двајца од ЈКП „Комуналец“ и тројца од ЈКП „Водовод и канализација“ со две возила кои работат на местото на настанот. Досега нема пријавено материјални штети на изгорени објекти. Ниту во текот на вчерашниот ден. Засега манастирот Трескавец не е во никаква опасност“, изјави Јован Аврамоски, инспектор по заштита и спасување во ДЗС.
И во Долненско од вчера се регистрирани неколку пожари. Се палат стрништа и меѓи, па пожарите се префрлаат на повисоките делови. Така беше во селото Кошино, Долненско, каде пожарникарите, жителите, од локалните јавни претпријатија, а и два возухоплови спречуваа селото и црквата да бидат зафатени. Два пати се гаснат пожари и во атарот на долненското село Бело Поле.
„За пожарот кај селото Кошино, Долненско, кој беше пријавен вчера околу 14.30 часот на тримеѓето меѓу селата Кошино, Лажани и Дебреште, бевме во контакт со градоначалникот од Долнени. Беа ангажирани околу 30 жители, 10-тина лица од ТППЕ- Прилеп, две градежни машини, беа ангажирани и два ер-трактори за пожарот да не ги зафати селото Кошино и селската црква. Ноќеска, околу полноќ, пожарот беше изгаснат. Меѓутоа на два пати се пријавуваше пожар во атарот на селото Бело Поле, Долненско, се интервенираше што потврдува дека станува збор за човечко невнимание и негрижа“, објаснува Аврамоски.





