Тој на прес-конференцијата во Центарот за управување со кризи во Скопје, посветена на состојбите со гостиварскиот водовод, одговарајќи на прашање за состојбата со водата во Крушево нагласи дека веднаш по информацијата дека и водата во крушевскиот водовод не е исправна, разговарал со крушевскиот градоначалник.
Притоа бил информиран дека, поради прекин на електричната енергија, околу еден час не работел уредот за хлорирање на водата.
„Затоа случајот во Крушево ни оддалеку не е сличен на она што се случуваше во Гостивар. Веднаш по тој еден час, тој уред што внесува хлор во градскиот водовод продолжил со работа и очекувам состојбата таму веќе да биде целосно стабилизирана. Сепак, повеќе информации треба да се побараат од локалната самоуправа. Повторувам, немаме појава на луѓе што се жалат на здравствени симптоми и воопшто не треба да се споредуваат овие два случаја“, истакна Ангелов.





