понеделник, 27 јули 2026

САД: Тројца загинати во пукање на фестивал во Сиетл, меѓу ранетите и двегодишно дете (ВИДЕО)

Еден осомничен е уапсен, а полицијата трага по друг по синоќешното пукање за време на фестивал на храна во Сиетл, во американската сојузна држава Вашингтон, во кое загинале три лица, а четири биле повредени, соопштија официјални лица.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Претходно беше објавено дека две лица загинале, а пет биле повредени, од кои едно било во тешка состојба. Како што соопштија властите, тоа лице подоцна починало во болница.

Истражителите веруваат дека двајцата осомничени пукале еден кон друг и дека повеќе нема опасност за јавноста, изјави помошник-началникот на полицијата во Сиетл, Тајрон Дејвис. Тој рече дека полицијата нема опис на осомничениот по кого трага.

Дејвис изјави дека две лица загинале на местото на настанот, а третото починало во болница. Уште четири лица се повредени и задржани во болница, но се во стабилна состојба, додаде тој.

Меѓу повредените е и двегодишно момче, додека останатите се возрасни, изјави Грејс Нуњез, портпаролка на противпожарната служба во Сиетл. Портпаролка на болницата рече дека повредените имаат повреди на рацете, стомакот и нозете.

Пукањето избувнало околу 18 часот по локално време, при крајот на годишниот фестивал на храна „Бајт Сиетл“, кој привлекува стотици продавачи на храна и изведувачи. Настанот се одржува во близина на познатата кула во Сиетл.

Голем број полицајци и припадници на итните служби пристигнале на местото на инцидентот и помогнале во евакуацијата на областа околу големиот комплекс „Сиетл центар“.

Во хаосот по пукањето, многу продавачи побегнале кон излезите, оставајќи ги своите штандови. Неколку часа подоцна тие сè уште биле надвор од полициската лента, не знаејќи кога ќе можат да се вратат по своите шатори, храна и опрема.

На веб-страницата на фестивалот се наведува дека годишната манифестација започнала во 1982 година и дека во текот на трите дена привлекува околу 350.000 посетители.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ