понеделник, 27 јули 2026

Во ЈП „Комуналец“ во Гостивар се проверуваат и тендерите и одлуките за поставување на пумпите

Во ЈП „Комуналец“ во Гостивар надлежните ги проверуваат и тендерите за набавка на хлор, наредбите и комуникацијата меѓу Општината и јавното претпријатие, одлуките за поставување на пумпите  и извештаите на Центарот за јавно здравје – Тетово, особено оние од 29 јуни и 13 јули.

Објавено на

часот

Сподели

Ќе биде извршено и финансиско вештачење, а документите од Општината ќе се споредуваат со оние од ЈП „Комуналец“, ЦЈЗ – Тетово и извештаите испратени до Институтот за јавно здравје.

ЈП „Комуналец“ од Гостивар денеска соопшти дека швајцарскиот проект за водоснабдување „Гостивар II – SECO II“ не е пропаднат, туку е речиси целосно реализиран. Според претпријатието, завршени и тестирани се околу 98 проценти од работите, а за целосно пуштање во употреба недостигаат уште околу 600 метри цевковод.

Главната пречка, како што наведува Комуналец, е што веќе две години се чека согласност од Јавното претпријатие за државни патишта за изградба на преостанатиот дел од трасата. Без таа дозвола, велат, не може законски да продолжи изведбата.

Реакцијата следува по медиумските извештаи за проектот беше претставен како неуспешен. Од Комуналец велат дека таква оценка не може да се даде без увид во целокупната проектна документација, договорите и извештаите за изведените работи. Проектот беше финансиран од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), Германската развојна банка KfW и Општина Гостивар.

Градежните работи ги изведувале избрани компании под стручен надзор, а не ЈП „Комуналец“. Од претпријатието велат дека се подготвени на обвинителството, ревизорите и другите надлежни институции да им ја достават целата документација. Доколку има пропусти или злоупотреби, тие треба да се утврдат во законска постапка, со прецизно утврдување на одговорноста на сите учесници во проектот.

Според претходните информации на Телма, за проектот биле потрошени повеќе од 7 милиони евра. Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања, пак, соопшти дека неговиот дел од проектот е завршен и предаден на гостиварскиот „Комуналец“ уште на крајот на 2023 година, додека во меѓувреме Обвинителството води истрага и за финансиското работење на претпријатието.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ