понеделник, 27 јули 2026

„Огнени облаци“- новата опасност од големите пожари во Европа

Додека Франција и Шпанија се соочуваат со едни од најголемите пожари во поновата историја, експертите предупредуваат на феномен кој дополнително ја отежнува ситуацијата – пирокумулонимбус, познат и како „огнен облак“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Големите шумски пожари можат да создадат сопствени временски системи, а овие облаци, кои всушност се грмотевични бури предизвикани од оган, се нивната најопасна форма, пишува Гардијан.

Пирокумулонимбус, е голем бурен систем кој настанува директно од шумски пожар. Големите пожари ослободуваат голема енергија и топлина, кои го подигаат столбот чад високо во атмосферата, каде што поради понискиот притисок воздухот се лади. Притоа, влагата се кондензира и се формира облак кој може да произведе молњи и силни ветрови.

Ако пожарот е исклучително голем и интензивен, столбот чад може да создаде пирокумулонимбус кој се издигнува од 10 до 15 километри во височина и продира во стратосферата. НАСА ваквите облаци ги опиша како „змејови што блујат оган“.

„Тоа е вистинска бура со грмотевици која настанува во самиот столб чад“, вели Рик Мекреј, вонреден професор на Универзитетот на Нов Јужен Велс. „Овие системи зафаќаат околу 10.000 кубни километри од атмосферата и затоа имаат огромно влијание.“

Кога ќе се формира, пирокумулонимбусот може да создаде силни ветрови кои го забрзуваат ширењето на пожарот на тлото и го прават движењето на огнот непредвидливо. Тоа создава исклучително опасни услови за пожарникарите. Облакот понекогаш создава и молњи, кои можат да предизвикаат нови пожари на оддалечени места.

„Неговата појава е потврда дека пожарот е исклучително опасен“, вели Мекреј, кој 30 години водел операции за гаснење пожари. „Тоа е доказ дека масовните евакуации биле оправдана и неопходна одлука.“

Австралија се соочува со овој феномен од почетокот на векот, а експертите наведуваат дека појавата е сè почеста. Феноменот е забележан и за време на големите пожари во Калифорнија во 2022 година, додека за Франција ова би можело да биде нова ситуација. Доколку сомнежите се потврдат, тоа би бил првпат пирокумулонимбус официјално да биде регистриран во Франција.

„Ова е првпат Франција сериозно да мора да го разгледа концептот на пирокумулонимбус“, вели Мекреј и додава: „Прашањето не е дали го имале пред неколку дена, туку дали нов ќе се појави овој вторник или среда.“

Климатските промени создаваат сè поопасни услови за пожари ширум светот, а со тоа и предуслови за создавање пирокумулонимбуси. „Не станува збор само за повисоки температури. Ова се целосни климатски промени“, вели Мекреј. „Се менуваат атмосферата, временските услови на тлото и многу други фактори.“

Експертите наведуваат дека климатските модели предвидуваат натамошно засилување на овие трендови. Пожарите во Европа избувнаа во екот на туристичката сезона, во региони погодени од последователни топлотни бранови.

Шумските подрачја се исушени поради недостигот од дожд што трае од мај, а метеоролозите предупредуваат дека Франција од вторник би можел да ја зафати нов топлотен бран со температури до 40 степени Целзиусови. „Огромна маса топол воздух ќе се преместува од подрачјето на Чешка во текот на четири или пет дена“, заклучува Мекреј.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ