Глобалниот глад во 2025 година беше во опаѓање трета последователна година, погодувајќи 7,8 проценти од луѓето, во споредба со 8,1 процент во 2024 година. Исто така, имаше знаци дека долгорочниот тренд на зголемување на гладот во Африка е запрен.
Сепак, процентот на луѓе кои не можат да си дозволат здрава исхрана останува „екстремно висок“, изјави за британскиот дневен весник „Гардијан“, Максимо Тореро, водечки економист во Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) и еден од авторите на извештајот.
Во годишниот извештај за состојбата со безбедноста на храната и исхраната во светот од 2006 година е пресметано дека здравата исхрана чини 4,28 долари дневно според паритетот на куповната моќ.
„Линијата на екстремна сиромаштија е три долари по лице“, рече Тореро, додавајќи дека здравата исхрана чини значително повеќе.
Тој исто така рече дека владите обично се фокусирани на субвенционирање житарки и храна богата со скроб, наместо месо, овошје, зеленчук и млечни производи.
„Тоа значи калории, но не и разновидност во исхраната“, рече Тореро, истакнувајќи го влијанието на таквата исхрана врз стапките на дебелина и болести како што се ракот и дијабетесот.
Податоците од Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека дебелината кај возрасните се зголемила од 12 проценти во 2012 година на 16 проценти во 2024 година.
„Многу е итно. Дебелината (кај возрасните) расте толку брзо што мора интензивно да работиме за да ги минимизираме ризиците и скриените трошоци што ќе ги донесе значителното зголемување на дебелината“, рече Тореро, пренесува Гардијан.
Тореро повика на инвестиции во инфраструктурата, истражувањето и развојот, бидејќи некои модели во извештајот сугерираат дека поефикасните синџири на снабдување би можеле да ги намалат трошоците за месо и млечни производи, како и за овошје и зеленчук.
Тој исто така предложи нови политики за поттикнување поголема потрошувачка на овошје и зеленчук за да се намали економското влијание на здравствените проблеми поврзани со лошата исхрана.
Во Африка, 66,6 проценти од населението не можело да си дозволи здрава исхрана минатата година, што е повеќе од двојно повеќе отколку во Азија или Латинска Америка.
Африка за првпат стана континент со најмногу гладни луѓе, со околу 309 милиони, надминувајќи ја Азија со 292 милиони, покажа извештајот на агенциите на ОН.
Тореро вели дека растот во голема мера е предизвикан од повисокиот раст на населението во Африка, при што процентот на гладни луѓе всушност почнува да се намалува „за првпат по многу години“.
Автори на извештајот се ФАО, СЗО, УНИЦЕФ, Светската програма за храна на ОН и Меѓународниот фонд за земјоделски развој.





