Како што соопшти Министерството, финансиската поддршка е наменета за реализација на локални настани посветени на домашната храна, земјоделското производство, руралната жена, задругарството, лозарството и локалните традиции.
Средствата се доделени по спроведен јавен повик на кој биле доставени 26 предлози. По административната проверка и постапката за избор, седум манифестации ги исполниле условите за добивање техничка поддршка.
„Домашното производство не се зајакнува само со зголемување на произведените количини. Важно е производот да биде препознаен, соодветно вреднуван и да го пронајде својот пат до потрошувачите. Локалните манифестации и саеми ја создаваат токму таа врска, односно ги доближуваат производителите до купувачите, овозможуваат размена на знаења и искуства и внесуваат нова економска енергија во руралните средини“, порача министерот Серафимовски при потпишувањето на договорите.
Поддршка добија Здружението за рурален и регионален развој „Блесок“ од Радовиш за манифестацијата „Од зрно до погача“; Земјоделската задруга „Шари“ од Тетово за „Ден на задруги 2026“; Здружението за земјоделци „Современо земјоделство“ од Битола за „Рурална жена – силата на Пелагонија“; како и Здружението за заштита, промоција и едукација за храна „Слоу Фуд Водно“ од Скопје за манифестацијата „Храна за сите“.





