понеделник, 27 јули 2026

Дури 9 од 10 Европејци би ја напуштиле земјата во која живеат – еве каде би сакале да се преселат

Речиси половина од населението на Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство очекуваат да живеат во друга земја во одреден момент од својот живот, според новото истражување спроведено врз 2.000 возрасни лица.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Истражувањето, спроведенo од истражувачка агенција за дигиталната осигурителна компанија „Федер“, покажува дека растечките трошоци за живот се главната причина зошто многумина размислуваат да се преселат во странство. Ова го изјавиле 53 проценти од Британците, 48 проценти од Французите, 43 проценти од Германците и 32 проценти од Италијанците.

Во секоја од четирите земји се анкетирани по 500 возрасни лица, а само еден од десет испитаници рекол дека дефинитивно не би сакал да се пресели во друга земја, пренесува Еуроњуз.

Иако омилените дестинации се разликуваат од земја до земја, Шпанија се покажа како најпосакуван избор меѓу испитаниците.

Канада и Шпанија меѓу најпосакуваните дестинации

Британците и Италијанците најчесто ја избираат Шпанија како земја во која би сакале да живеат. За неа се изјасниле 24 проценти од Британците и 20 проценти од Италијанците. Шпанија беше вториот најпопуларен избор меѓу Французите и Германците – ја избрале 16 проценти од Французите и 12 проценти од Германците.

Французите ја издвоија Канада како нивна најпосакувана дестинација, избрана од 17 проценти од испитаниците, додека Италија беше на второто место со 14 проценти од гласовите.

Германците, од друга страна, генерално не планираат да се преселат далеку од дома. 17 проценти ја избраа Австрија, додека Шпанија и Швајцарија го поделија второто место со по 12 проценти.

Британците се поподготвени да се преселат на другата страна од светот. Австралија ја избрале 19 проценти од испитаниците, Канада 15 проценти и Нов Зеланд 10 проценти.

Иако Дубаи често се споменува како една од најпопуларните дестинации за иселениците, само три проценти од Британците изјавиле дека би размислиле да се преселат таму. Авторите на студијата истакнуваат дека анкетата е спроведена кон крајот на јуни и веруваат дека резултатите веројатно биле под влијание на иранските напади врз Обединетите Арапски Емирати во последните месеци.

Сè повеќе луѓе избираат да живеат во повеќе земји

Како дел од истражувањето, „Федер“ разговараше и со експертот за патувања Холи Рубенштајн, водителка на поткастот „Патничките дневници“, која верува дека традиционалниот начин на живот на иселениците се менува.

„Новата верзија на таквиот живот е многу пофлексибилна. Луѓето поминуваат шест месеци на едно место, работат од далечина, испробуваат одреден начин на живот и воспоставуваат врски на повеќе различни локации“, вели Рубенштајн.

Додава дека генерацијата Алфа ќе расте со работа на далечина и онлајн комуникација како нешто сосема вообичаено.

„За нив, нивните кариери, пријателства и идентитети повеќе нема да бидат врзани само за едно место“, заклучи таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ