Членот на политичкиот совет на Хезболах, Вафик Сафа, изјави во пресрет на разговорите дека „Хезболах воопшто не е заинтересиран ниту загрижен за нив“.
„Не сме обврзани со она за што тие ќе се договорат“, додаде тој.
Либанските власти сакаат да посредуваат во постигнување прекин на огнот меѓу Либан и Израел, додека Хезболах се противи на какви било преговори, а Ерусалим бара од него разоружување.
Портпаролката на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, вчера изјави дека нема да има прекин на огнот со Хезболах, дека целта на преговорите е негово разоружување, но и можен мировен договор меѓу Бејрут и Ерусалим.
Израелските напади врз Бејрут и неговите јужни предградија се прекинати од средата, но на југот на Либан продолжуваат жестоки борби.
Војната расели повеќе од еден милион луѓе во Либан, а загинаа околу 2.000 лица, меѓу кои повеќе од 500 жени, деца и медицински работници.
Многу Либанци го обвинија Хезболах дека ја вовлекол земјата во војната, обвинувајќи го дека дејствува во име на својот покровител Иран.
Сафа изјави дека акциите на Хезболах биле превентивни, бидејќи нивните лидери верувале дека „Израел се подготвува за нова битка со Либан“ со цел уништување на Хезболах.
По прекинот на огнот постигнат со посредство на САД, кој ја запре последната војна меѓу Израел и Хезболах во ноември 2024 година, Израел продолжи со речиси секојдневни напади во Либан, за кои тврди дека имаат цел да ја спречат обновата на групата.
Хезболах сака да избегне враќање на таквата состојба, изјави Сафа.
Израел тврди дека во нападите врз Либан минатата среда биле убиени повеќе од 250 борци на Хезболах.
„Ниту еден наш претставник или член не е убиен во Бејрут. Тие што загинаа таму се 100 отсто цивили“, рече Сафа.
Секретарот на лидерот на Хезболах, Наим Касем, синоќа го повика Либан да се повлече од директните преговори со Израел, нарекувајќи ги „бесплатна отстапка“ за Ерусалим и Вашингтон.
Односите меѓу либанската влада и Хезболах во последно време се сè позатегнати, особено откако владата по 2 март го прогласи вооруженото крило на Хезболах за нелегално.
Сафа изјави дека Хезболах моментално не комуницира директно со претседателот на Либан, Џозеф Аун, ниту со премиерот Наваф Салам, туку комуникацијата се одвива преку претседателот на парламентот Набих Бери, лидер на движењето Амал, кое е сојузник на Хезболах.






