“До мене стигнаа реакции на разочарување, дури и на огорченост”, објави Ајзакмен на мрежата Икс.
„Во свет со толку многу контроверзии, се надевам дека ова ќе биде момент кога ќе ги славиме астронаутите кои се избрани, ќе го почитуваме интегритетот на процесот и ќе ја препознаеме извонредната длабочина на талентот низ целиот корпус“, додаде првиот човек на НАСА.
Изборот се базираше на голем број критериуми, и на крајот, беше избран екипажот што „ѝ дава на мисијата најдобри шанси да ги постигне своите цели“, напиша Ајзакмен, истакнувајќи колку исклучителни жени астронаути и други жени вработени има американската вселенска агенција.
Американската астронаутка Кристина Кох беше член на екипажот на Артемис 2, станувајќи првата жена што прошета околу Месечината. Фактот дека нема жени на оваа мисија предизвика критики од набљудувачите и ентузијастите за истражување на вселената ширум светот.
Мисијата Артемис 3, според првичниот план предвидена за слетување на човечки екипаж на Месечината во 2028 година, сега треба да биде лансирана во земјината орбита веќе следната година за тестирање, но без слетување на Месечината, рече Ајзакмен во февруари.
Целта на програмата Артемис е да ги врати луѓето на Месечината и да воспостави американска база на нејзината површина, што треба да го отвори патот за идните мисии на Марс, во време на сè поинтензивна глобална конкуренција за воена, комерцијална и научна предност во вселената.






