Мртвите китови што тонат на дното на океанот не се ретка појава, но досега најчесто биле пронаоѓани на длабочини помали од четири километри, додека новото откритие достигнува длабочини поголеми од седум километри и се протега на стотици километри од морското дно. Истражувачите на истите места откриле и нови екосистеми, пренесува Гардијан.
Според научниците, остатоците од китови биле дом на различни организми како што се ракови, мекотели, црви што јадат коски и морски ѕвезди, од кои многу видови претходно биле непознати за науката.
Тим истражувачи од Кина, Италија и Нов Зеланд користел подморница за истражување на областа позната како раседна зона Дијамантина во југоисточниот дел на Индискиот Океан. Оваа зона настанала пред 50 до 60 милиони години, во периодот кога австралискиот и антарктичкиот континент се раздвојувале.
Студија објавена во списанието „Нејчр“ покажа дека остатоци од китови се пронајдени на длабочина до 7.002 метри во близина на најдлабоката точка на Дијамантина, по што биле извршени 32 нуркања на морското дно, при што биле пронајдени 485 фосилни места на китови, како и пет современи китови во напредна фаза на распаѓање.
Најголемиот труп што го откриле истражувачите бил скелет на антарктички кит минке, долг пет метри, а пронашле и остатоци од изумрен вид, вклучувајќи фосилен череп од вид клунест кит наречен Петерочетус бенгуеле, стар 5,3 милиони години, и уште еден череп од нов вид што тимот го нарекол Петерочетус дијамантине.
Коавторот на студијата, Џовани Бјанучи од Универзитетот во Пиза, изјави дека откритието покажува дека „екстремните и неоткриени средини се дом на видови и екосистеми кои сè уште се непознати за науката“, додавајќи дека човековото разбирање на биодиверзитетот останува ограничено.
„Исто така, покажува дека животот може да се прилагоди и да еволуира дури и во екстремни услови каде што нема светлина и каде што притисокот е екстремно висок“, рече тој, истакнувајќи дека студијата дава и нови податоци за морските суштества, вклучувајќи ги и „мистериозните и недостижни“ клунести китови.
Во статија што ја придружува студијата, Стивен Годфри од Поморскиот музеј на САД во Калверт ги опиша гробиштата како уникатно откритие и дека на локацијата би можеле да се најдат многу повеќе возбудливи наоди.
Џон Копли, океанограф и истражувач за научна комуникација на Универзитетот во Саутемптон, кој не бил вклучен во работата, рекол дека откривањето на гробишта за китови, со околу 800 скелети на квадратен километар, било изненадување, а мешавината од видови китови пронајдени на локацијата била „загатка“.






