петок, 12 јуни 2026

Македонската четворка Занаду го претстави летниот „Ураган“ и го најави своето ЕП издание (ВИДЕО)

Занаду се македонски бенд, доаѓаат од Скопје, и се предводниците на новата урбана сцена. Нивната музика слободно и храбро плови низ жанрови, ритми и фреквенции и ги канализираат моменталните емоции, импулси и енергија. Во тој дух е и нивната нова песна „Ураган“, која има вистински летен вајб и мелодиски танцува на работ на indie, synth и disco pop звукот.

Објавено на

часот

Сподели

„Откако поминав извесно време далеку од дома, се вратив исполнет со нови искуства, емоции и перспективи. Бендот и јас почнавме да ги претвораме тие искуства во песни за нашето претстојно ЕП издание. Оваа песна беше една од првите што се појавија. Таа размислува за љубовта, времето и тивката тага што доаѓа со пуштањето на нешто за кое речиси сте биле сигурни дека секогаш ќе биде тука. Станува збор за иднината што ја градиме во нашите мисли, за плановите што изгледаат неизбежни и за сознанието дека некои приказни завршуваат пред целосно да се развијат. Во својата суштина, песната зборува за споделување сон со некого, за на крајот заедно да се најдете во солзи поради она што можело да биде“, вели Карло Јованоски, фронтмен на бендот Занаду и автор на текстот за песната „Ураган“, која ја балансира носталгијата со прифаќањето.

Карло истакнува дека креативниот процес бил идентичен со замавот и емоциите што стојат зад песната – ја напишале во еден здив, ја снимиле и речиси веднаш собрале тим околу неа. Целиот бенд работел на музиката, додека продукцијата на песната ја потпишуваат Христијан Трајчевски и Карло Јованоски.

Песната доби и видеоспот кој, како и самата мелодија, ги допира нашите носталгични сетила и емоции. Или, како што вели Карло, „го доловува минливиот момент помеѓу задржувањето и пуштањето, помеѓу животот што сте го замислувале и оној што на крајот ве пронаоѓа“. Зад концептот на спотот стојат Zanadu и Павел Кардалевски, монтажата ја потпишува Марија Грчева, а зад камерата беше Павел.

„Ураган“ е првиот сингл од претстојното ЕП издание, кое ќе биде објавено веднаш по летото, за вкусот на летото да потрае што е можно подолго. Со овој сингл Занаду ја започнуваат својата соработка со хрватската независна издавачка куќа interstellaR.

Членовите на бендот се запознале на 17-годишна возраст и по само неколку години го снимија и самостојно го објавија својот прв албум насловен „Соништа“. Своето креативно патување го продолжија со објавување нови синглови и настапи низ цела Македонија, а три години подоцна пристигна и нивниот втор албум „Наше после сè“, исто така самостојно објавен.

Интересен факт е дека придружните вокали на албумот ги снимиле група млади холандски туристи во Скопје, што говори за отвореноста на бендот кон сè што носи секој момент. Полека, но сигурно, Занаду го зацврстува своето место некаде помеѓу алтернативната и поп-сцената во Македонија, ширејќи ја својата музика и низ просторот на поранешна Југославија. Наскоро ќе тргнат и на мини-турнеја за да ги промовираат новите песни и ЕП изданието.

Занаду се: Карло Јованоски (гитара, вокал и текстови), Марко Атанасов (гитара), Андреј Крстевски (бас-гитара) и Иван Богдановски (тапани).

Песната „Ураган“ е објавена на сите стриминг сервиси за независната издавачка куќа interstellaR.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ