петок, 12 јуни 2026

САД ја обвинија Куба дека ја користи енергијата како оружје и воведоа нови санкции

Американската влада во четвртокот објави нови санкции против кубанската државна нафтена и гасна компанија Купет, потег за кој се очекува дополнително да ги заостри односите меѓу двете земји. Вашингтон ја обвинува кубанската влада дека ја користи енергијата како оружје и дека имотот на компанијата незаконски им бил одземен на американски сопственици, пишува Јуроњуз.

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека клучниот имот на Купет „незаконски им бил одземен на американските сопственици пред многу години“ и ја обвини кубанската влада дека ја користи енергијата како оружје.

„Додека кубанскиот народ се соочува со недостиг од гориво и рестрикции на електрична енергија поради децениското запоставување на клучната инфраструктура, комунистичките лидери на Куба ги пренасочуваат енергетските ресурси за да ги наполнат сопствените џебови“, се наведува во изјавата на Рубио.

Тој понатаму тврдеше, без да приложи докази, дека кубанските функционери „препродаваат огромни количества од и онака оскудната енергија на црниот пазар, создаваат резерви за војската, разузнавачките служби и репресивниот апарат и ги користат рестрикциите како средство за општествена контрола“.

Кубанската влада засега не одговорила на барањето за коментар. Претходно соопштуваше дека американските санкции ги казнуваат сите Кубанци и имаат цел да ја задушат економијата за да се дестабилизираат и владата и народот. Продажбата на гориво од страна на Купет на граѓаните речиси целосно запре и моментално е предмет на ограничувања.

Рикардо Ереро, кубански економист со седиште во САД и извршен директор на непартиската организација Куба стади груп од Вашингтон, изјави дека е „искрено згрозен“ од овој потег.

„Како се очекува приватните увозници да складираат дизел и да ги полнат возилата без пристап до инфраструктурата на Купет?“, напиша тој на социјалната мрежа Икс.

„Со ова се поткопува она што до утрово беше хуманитарен приоритет на САД. Или се подготвува нешто многу поголемо, или влеговме во фаза на ‘неселективна суровост’ на оваа политика.“

Соопштението во четвртокот следуваше речиси една недела откако американската влада воведе санкции против кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел, други функционери и неколку институции.

Рубио во изјавата појасни дека целиот имот или удели на Купет што се наоѓаат во САД или се во сопственост или под контрола на американски државјани отсега се блокирани.

„Претседателот Трамп сака нова иднина за кубанскиот народ, со поголема економска и политичка слобода и повеќе можности“, напиша Рубио на Икс.

„Дотогаш ќе продолжиме да ја таргетираме способноста на комунистичкиот режим да ја искористува својата трговија со енергенси за промовирање коруптивни цели и насилно потиснување на кубанскиот народ.“

Куба веќе се бори со последиците од децениското ембарго и недостигот од нафта, додека САД продолжуваат со притисокот за промена на нејзиниот економски и политички модел.

Рестрикциите на електрична енергија, кои веќе станаа вообичаени поради економската и енергетска криза што го погодува островот во последните пет години, дополнително се засилија откако Трамп кон крајот на јануари им се закани со царини на сите земји што продаваат или испорачуваат нафта на Куба.

Двете земји потврдија дека воделе разговори, но нивниот опсег не е познат.

Во меѓувреме, Трамп се заканува со воена акција против Куба уште откако американската војска интервенираше во Венецуела и го уапси поранешниот претседател Николас Мадуро.

Минатиот четврток Трамп изјави дека Куба „на некој начин се распаднала“ и додаде: „Ќе го решиме тоа прашање штом ги завршиме“ воените операции во Иран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ