Како што соопшти Министерството за економија и труд, во своето обраќање, министерот Дурмиши нагласил дека Република Турција е еден од најзначајните економски партнери на Македонија, при што трговската размена континуирано расте, а турските компании со децении имаат значајна улога како инвеститори, работодавачи и партнери во развојот на македонската економија.
„Македонија е отворена за нови инвестиции и нови партнерства. Нудиме стабилна макроекономска политика, стратешка географска положба, пристап до регионалните пазари, квалификувана работна сила и силна институционална поддршка за инвеститорите. Уште поважно, нудиме партнерство засновано на доверба и долгорочна соработка“, истакнал министерот Дурмиши.

На форумот се обратил и првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, кој ја истакнал важноста од продлабочување на економската соработка и создавање нови партнерства меѓу двете земји.
Во обраќањето Сали нагласил дека Македонија и Турција негуваат исклучително блиски и пријателски односи изградени врз доверба, заемна почит и долгорочно партнерство. Тој истакнал дека Турција е еден од најзначајните економски партнери на државата, со значајно присуство на турски компании во индустријата, инфраструктурата, банкарството, образованието и туризмот, кои придонесуваат за економскиот развој и отворањето работни места, информира прес-службата на Министерството за европски прашања.
Осврнувајќи се на владините приоритети, министерот Сали потенцирал дека Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан претставуваат значајна можност за економски напредок и поголема конкурентност.
„Првпат европската интеграција е директно поврзана со конкретни инвестиции, економски раст и постепена интеграција во Единствениот европски пазар. Тоа создава нови можности за компаниите, инвеститорите и граѓаните“, рекол Сали.
Тој ги охрабрил турските компании активно да ги искористат можностите што ги нудат ИПА фондовите, Планот за раст на ЕУ и Инвестициската рамка за Западен Балкан, посочувајќи дека Коридорите VIII и X остануваат стратешки инфраструктурни проекти од регионално значење.
Сали нагласил и дека постои голем потенцијал за соработка во обновливите извори на енергија, дигиталната трансформација, иновациите, современите технологии и производствениот сектор, оценувајќи дека европската интеграција претставува процес на модернизација, конкурентност и просперитет.

Во Истанбул денеска се одржува бизнис-форум посветен на јакнење на економските врски и промоција на инвестициските потенцијали на Македонија пред турската деловна заедница.
Форумот се организира во рамките на проектот „Промоција на мапа за инвестирање“ како дел од програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата на Република Северна Македонија и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП. Форумот има цел да ги поврзе институциите и бизнис-секторот од двете земји преку директни контакти и разговори насочени кон отворање нови можности за соработка и заеднички инвестиции.
На настанот е најавено учество на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој ќе предводи владина делегација составена од ресорни министри од економската, енергетската и инфраструктурната област.
Од турска страна домаќин на форумот е министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат, а организацијата ја спроведуваат Министерството за трговија на Турција и ДЕИК – Советот за надворешни економски односи.
Во рамките на програмата ќе бидат претставени инвестициските потенцијали на нашата земја, а настанот ќе вклучи и официјални обраќања, тематски панели посветени на трговијата, енергетиката и инфраструктурата, како и Б2Б-средби меѓу компании од двете земји, со фокус на размена на искуства и унапредување на соработката во клучните економски сектори.
Форумот е наменет за компании што имаат интерес за проширување на своето присуство на меѓународните пазари и воспоставување нови деловни партнерства во рамките на регионалната економска соработка.
Во континуитет на ваквите активности, како дел од пошироката серија промотивни настани за позиционирање на Македонија како атрактивна инвестициска дестинација, сличен бизнис-форум неодамна се одржа и во Будимпешта. Овие настани претставуваат дел од пошироките напори за промоција на економските потенцијали на земјата и привлекување нови странски инвестиции преку директна комуникација со меѓународната бизнис-заедница.






