петок, 12 јуни 2026

Алиу: Коцкањето е зависност, превенцијата е најефективна за заштита на младите

Коцкањето претставува сериозен здравствен ризик, а најефективната терапија за зависноста е превенцијата, порача министерот за здравство Азир Алиу во видео-обраќање, давајќи поддршка за предлог-законот за игри на среќа и забавни игри, кој веќе помина во прво читање во Собранието.

Објавено на

часот

Сподели

Алиу истакна дека коцкањето не смее да се третира како забава кога преминува во зависност што има последици врз поединецот и семејството.

„Не може да зборуваме за коцкањето дека е забава, кога истото станува навика и зависност. Кога влегува во семејството како долг, стрес, вознемирување и кога подмолно се вгнездува во животот на младите уште пред да созреат. Како министер за здравство, имам обврска да кажам дека зависноста е здравствен ризик, а најефективната терапија за неа е превенцијата“, порача Алиу.

Тој апелираше за поддршка на законските решенија што имаат за цел да го ограничат влијанието на коцкањето врз младите.

„Затоа ја поддржувам секоја законска мерка што ќе ги тргне кладилниците и коцкарниците подалеку од училиштата и што ќе го намали рекламниот притисок врз младите. Ова е битка за менталното здравје, за семејствата и за иднината на децата. Вреди да поставиме граници“, истакна министерот.

Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри има за цел да воведе построги правила за функционирање на оваа дејност, со фокус на заштита на младите и намалување на ризиците од зависност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ