четврток, 11 јуни 2026

Овации за триото „Интерарт“ во македонскиот КИЦ во Загреб

Флејтистите Емилија Ристевска Стефановска и Александар Стефановски, заедно со пијанистката Татјана Божиновска, преку својот уметнички израз, богатото концертно искуство и беспрекорната изведба, приредија музичка вечер исполнета со виртуозност, префинета интерпретација и исклучителна сценска енергија, информираа од македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб, Хрватска.

Објавено на

часот

Сподели

Пред бројната публика во македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб, Хрватска, вчеравечер се одржа извонреден концерт на Триото „Интерарт“ од Битола, кое со својот врвен уметнички настап ја воодушеви публиката и беше наградено со долготрајни и искрени аплаузи, информираа од македонскиот КИЦ во Загреб.
„Публиката уживаше во концертната вечер исполнета со врвна уметничка интерпретација, техничка прецизност и исклучителна музичка зрелост.
Флејтистите Емилија Ристевска Стефановска и Александар Стефановски, заедно со пијанистката Татјана Божиновска, преку својот уметнички израз, богатото концертно искуство и беспрекорната изведба, приредија музичка вечер исполнета со виртуозност, префинета интерпретација и исклучителна сценска енергија. Публиката имаше можност да ужива во концерт кој уште еднаш го потврди високото место што триото го зазема на македонската и меѓународната музичка сцена“, се наведува во соопштението на македонскиот КИЦ во Загреб.
На почетокот на концертот  присутните ги поздрави директорката Мими Ѓоргоска Илиевска која истакна дека е од особено значење што овој концерт е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, институција којашто претставува важен мост на пријателство, културен дијалог и соработка меѓу Македонија и Хрватска.
„Особена чест ми е што го најавувам концертот на триото ‘Интерарт’, составен од уметници со богата меѓународна кариера и исклучителен придонес во афирмацијата на македонската музичка култура. Уверена сум дека публиката ќе има ретка можност да ужива во едно незаборавно музичко доживување. Преку нашата програма континуирано работиме на промовирање на македонската култура, јазик и уметност, создавајќи простор за меѓусебно запознавање, почитување и поврзување меѓу нашите две пријателски земји“, истакна Ѓоргоска Илиевска.
Настанот беше реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам во рамките на годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб, кој континуирано работи на промоција на македонската култура, јазик и уметност и на јакнење на културните врски меѓу Македонија и Хрватска.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ