На 12 јуни во Јавна соба во Скопје, публиката ќе има ретка можност да присуствува на концерт кој е повеќе од музички настан. Станува збор за вистинско патување низ времето, традицијата и современиот звук. TRANSMIssION, проектот на македонскиот перкусионист и композитор Александар Петров, ги спојува древните ритми на Балканот со современата електроника, создавајќи уникатно звучно искуство што ги надминува жанровските и културните граници.
Во центарот на ова музичко патување е тапанот – еден од најстарите инструменти на овие простори, чиј звук со векови ги придружувал народните песни, ора и семејните собири. За Петров, тапанот е симбол на културна меморија и движечка сила на проектот.
„Срцето го дава ритамот на животот, тапанот го дава пулсот на срцето“ – е мислата што ја води целата концепција на TRANSMIssION.
Концертот ќе биде структуриран во две целини. TRANSMIssION Acoustic ќе понуди нови и стари композиции на Александар Петров, како и музика инспирирана од богатото културно наследство и традиционалните песни собрани од големиот македонски научник и етномузиколог Васил Хаџиманов (1906–1969). Вториот дел, TRANSMIssION Electronic, ќе ја одведе публиката во современиот свет на електронските текстури, импровизацијата и амбиенталните звучни пејзажи.
Зад проектот стои импресивна меѓународна екипа музичари, чија кариера се протега низ најзначајните светски сцени.
Александар Петров е еден од ретките музичари кои успеале традиционалниот македонски тапан да го внесат во современи музички контексти – од џез и world music до современ танц и импровизирана музика. По музичкото образование во Македонија и студиите по класични перкусии во Париз, Петров настапува и соработува со големи имиња како Марсел Халифе, Теодосиј Спасов, Бачар Мар Халифе, Бојан З и многу други.
Неговата интернационална кариера го носи и во Њујорк, каде што е еден од основачите и уметнички директор на легендарниот џез-клуб WhyNot Jazz Room на Менхетен, простор низ кој минуваат некои од најголемите светски џез музичари. Неговата музика не ја третира традицијата како музејски експонат, туку како жив материјал од кој создава нови, возбудливи звучни светови.
Посебна тежина на концертот му дава присуството на Тања Царовска, една од најзначајните македонски музички уметници со меѓународна кариера. Нејзиниот препознатлив вокал е дел од бројни филмски, телевизиски и театарски продукции ширум светот, а нејзиниот глас остава силен печат во филмови како „The Passion of the Christ“ на Мел Гибсон и „Troy“ на Волфганг Петерсен, каде што учествува и како ко-композитор на вокалниот дел од музиката.
Во текот на својата кариера соработувала со врвни филмски композитори како Џејмс Хорнер, Габриел Јаред, Џон Дебни и Џоселин Пук, а критиката и публиката нејзиниот глас го опишуваат како магичен, етеричен и длабоко емотивен.
На сцената ќе настапи и Симеон Петров, музичар роден во Париз, чија биографија претставува редок спој на класично образование и современа музичка авантура. Како дете пее во хорот на катедралата Нотр Дам, а подоцна дипломира труба, оргули и пијано. Неговата кариера опфаќа настапи со бројни состави од областа на џезот, свингот и современата музика, носејќи на сцената исклучителна музичка широчина и чувствителност.
Филип Динев е македонски гитарист/композитор кој има концертирано во повеќе европски градови, како Берлин, Базел, Париз, Будимпешта, Талин, Хамбург, Лајпцих, Дрезден и многу други. Автор е на 2 интернационални изданија и е активен член на македонската џез сцена. Постдипломските студии ги завршува на HfMT Hamburg.
Електронскиот дел на TRANSMIssION добива дополнителна димензија преку настапот на француската диџејка и продуцентка Lenna, чиј звук ги спојува Tech House, Afro House и современите електронски влијанија. Нејзината кариера вклучува настапи во престижни клубови и фестивали низ Франција и светот, како и резиденции во клубовите на COYA Music Group во Лондон, Дубаи и Миконос.
Нејзините сетови се препознатливи по енергијата, хипнотичниот грув и способноста да ги поврзат различните музички култури во едно единствено искуство.
TRANSMIssION е проект кој подеднакво им се обраќа на љубителите на традиционалната музика, џезот, електрониката и современите експериментални форми. Тој ја истражува врската меѓу наследството и иднината, помеѓу акустичното и електронското, помеѓу локалното и универзалното.
Во време кога музичките сцени сè повеќе се затвораат во жанровски рамки, TRANSMIssION нуди нешто поинакво – отворен простор за дијалог меѓу културите, генерациите и музичките јазици.






