Мијата го претстави својот нов музички проект „Ти биди СВОЈ“, песна што, како што вели, е „музичко парче од нејзината душа“ и природно продолжение на нејзината претходна авторска порака „Верувам во себе“.
Новата композиција е целосно отсвирена во живо во студиото Подрумот во Скопје, а зад неа стои тим од македонски музичари, дополнет со интернационален придонес. Мијата ги потпишува вокалите, музиката, текстот и дел од аранжманот, додека на виолина настапува Гоце Вангеловски, на пијано Бојан Димитровски, а гитарските делници ги изведуваат Кире Мирчовски и Јаков Ѓорговски. Бас-гитарата и тапаните се дело на Иво Митковски.
Посебен печат на песната ѝ дава звукот на бенџото, кое го отсвире Рики Миер од Калифорнија. Според Мијата, токму овој инструмент носи автентичност и ја симболизира идејата дека музиката и уметноста не познаваат граници. За аранжманот и аудиопродукцијата повторно се погрижи Ангел Ќосев, со кого пејачката веќе успешно соработуваше.
Видеоспотот е снимен на две локации во Македонија – Пробиштип и Кучково, места што, како што открива Мијата, за неа имаат посебна енергија и значење. Таа се потпишува и како режисер на спотот, директор на фотографија е Сашо Доковски, а монтажата ја изработи Горан Цветковиќ.

Пејачката упати благодарност до балетското студио Магија и до граѓаните на Пробиштип за поддршката и прифаќањето на идејата за видеото. Дел од приказната е и карпата во Кучково, во општина Ѓорче Петров, која Мијата ја опишува како енергетско светилиште и место што вреди да се посети.
„Самото видео сакав да ја пренесе енергијата што значи за мене кога јас сум своја, растоварена од сите предрасуди и норми, едноставно комотна во своја кожа, и да ги поттикнам и моите сограѓани да го пронајдат тоа чувство секој за себе“, вели Мијата.
Таа додава дека пораката на „Ти биди СВОЈ“ е позитивна и дека се надева оти ќе допре до сите на кои им е потребен поттик да се прифатат себеси и да живеат без страв од туѓите очекувања.
Со новиот сингл, Мијата испраќа едноставна, но силна порака – да останеме верни на себе, да ги надминеме предрасудите и да го пронајдеме сопствениот пат, без разлика на наметнатите општествени норми.






