Веројатно, во двете тези има одговори кои одат во полза на едната или на другата страна, но организираните протести и медиумските кампањи наметнуваат уште едно прашање – кому му пречи енергетската независност на земјава и на земјите од регионот.
Фактите велат дека во 2020 година, Светската организација за заштита на природата (WWF) иницираше кампања против изградба на малите хидроцентрали на Балканот, кога и започнаа проблемите и протестите во целиот регион. Главен аргумент „против“ е загрозувањето и уништувањето на животната средина и на ендемските видови флора и фауна во нивните околини.
Можеби е само случајност, но интересно е дека во тој период се градат мини хидроцентрали во исклучително заштитените и преубави предели на Норвешка, Австрија и Швајцарија, со аргумент дека така се штити природата и се развива енергетската стабилност и независност.
Ова се наведува како аргумент, затоа што за разлика од големите хидроелектрани, малите ги ограничуваат емисиите на стакленички гасови, спречуваат поплавување на локалните екосистеми и ги зачувуваат водните живеалишта т.е. преку рибните патеки обезбедуваат нивен нормален проток. Тие обезбедуваат природен тек на реката, со што речниот воден свет, како рибите и раковите се движат послободно и без поместувања на живеалиштата, што е карактеристично за работата на големите хидроцентрали.
Втора, исклучително важна карактеристика е, што малите хидроцентрали генерираат чиста електрична енергија. Така норвешкиот парламент во февруари минатата година дозволи изградба на мали хидроцентрали, дури и во реки со висок степен на заштита. Секако, оваа земја строго се води од правилата и особено внимава на нивното спроведување за висок степен на заштита на природната околина, но и на тоа колку истата би била од општествена корист. Во тој процес, дури и минимумот на обезбедувањето на електрична енергија се смета за голема придобивка, нешто што често се истакнува во земјава како клучен аргумент за тоа дека не треба да се дозволи градба на мини хидроцентрали.
Исто така, важна придобивка во случајот со малите хидроцентрали е заштитата од поплави, коишто во државава поради климатските промени во последниве декади, знаат да бидат неочекувани, силни дури и погубни, не само за природата, туку и за луѓето.
Аргументите на невладиниот сектор, кој е најгласен во битката против малите хидроцентрали, е дека во земјите од развиениот демократски свет, како што е Норвешка, регулативата е јасна и внимателна т.е. секој проект мора да помине на јавна расправа, и тоа двојна; инвеститорите треба да направат студија за влијание врз животната средина и мониторинг на биолошки минимум, а доколку нивото на реката се намали особено во летните денови, турбините веднаш престануваат со работа. Несомнено, тоа во Норвешка и ќе се случи, но дали е така и кај нас. Активистите ќе речат „не“, инвеститорите ќе кажат „да“ – што велат инспекторите? Најчесто ништо!
И, тука се чини е клучниот проблем. Дали сме за изградба на мали хидроцентрали – да, зошто би биле против за нешто кое носи подобра енергетска ефикасност во земјата и обезбедува поголемо ниво на енергетска независност.
Дали треба да се стопираат малите хидро централи? Веројатно не! Но, секако дека активистите, кои се против овој вид на генерирање енергија, треба да се насочат кон обезбедување на запазување на стандардите и обезбедување на поголеми контроли од страна на надлежните институции, коишто и ги издаваат дозволите. Наместо да се вика само: не!
Гласното противење на развојот на енергетскиот сектор, со којшто се обезбедува енергетска независност на државата, без вистински аргументи, или за заштита на други бизнис и политички интереси, само креира поделби и заблуди во општеството, што не води кон ништо добро.
Aлександар Стојановски











