Според новите цени, референтната вредност на ХПВ генотипизацијата се намалува од 5.500 на 3.310 денари, односно за 39,8 отсто. Истовремено, партиципацијата за пациентките се намалува од 550 на 350 денари.
Кај ликвид ПАП цитологијата, цената се намалува од 2.200 на 1.250 денари, односно за 43,2 проценти, додека партиципацијата се намалува од 250 на 150 денари. Конвенционалниот ПАП тест останува на постојната цена од 600 денари, без промена.
Од ФЗОМ посочуваат дека ревизијата на цените е направена врз основа на реалните фактурирани услуги во 2025 година.
„Анализата покажува дека со задржување на истото ниво на финансирање, бројот на достапни тестирања значително се зголемува и тоа ХПВ тестирање од 13.466 тестови на 22.375 тестови годишно – зголемување од 8.909 тестови (+66,2 отсто) и ликвид ПАП цитологија, од 2.427 тестови на 4.271 тест годишно – зголемување од 1.844 тестови (+76 отсто)“, велат од ФЗОМ.
Ова значи дека за ист финансиски влог значително поголем број жени ќе можат да бидат опфатени со скрининг, вклучително и жени кои досега поради финансиски причини не пристапувале кон овие превентивни прегледи.
Од ФЗОМ посочуваат дека ракот на грлото на матката е еден од малигните заболувања кои можат успешно да се превенираат и лекуваат доколку се откријат навреме. Кога болеста се дијагностицира во рана фаза, стапката на успешно лекување и преживување е значително повисока.
ХПВ тестирањето и цитолошкиот скрининг, како што велат од Фондот, претставуваат клучни алатки за навремено откривање на преканцерозни промени и рак во ран стадиум, овозможувајќи навремена интервенција и подобри здравствени исходи.
Генералниот директор на ФЗОМ, Сашо Клековски на денешната прес-конференција истакна дека мерката е насочена кон поефикасно користење на средствата и подобрување на достапноста на здравствените услуги.
„Со оваа мерка не само што ги намалуваме трошоците за осигурениците, туку создаваме услови значително поголем број жени да бидат опфатени со современи превентивни тестирања. Нашата цел е средствата што ги обезбедува Фондот да се користат поефикасно, а здравствените услуги да бидат подостапни за граѓаните. Раното откривање на болестите спасува животи и затоа вложувањето во превенција останува еден од нашите приоритети“, истакна Клековски.
Тој информира и за измените во Шифарникот на лекови кои се однесуваат на лековите што содржат активна супстанција топирамат, наменета за третман на епилепсија и други невролошки состојби.
По барање на носителите на одобрение за ставање во промет, од Шифарникот на лекови со важност од 1 мај 2026 година се избришани лековите EPIRAMAT (производител Плива) и Tирамат (производител Белупо).
„Со цел да се обезбеди непречена достапност на терапијата за осигурениците, во новиот шифарник, што е во подготовка, ќе биде вклучен лекот Tирамат (25 mg, 50 mg и 100 mg), производител Фармавита, обезбеден преку интервентен увоз. Со ова се обезбедува континуитет во лекувањето и непречен пристап до терапијата за пациентите кои го користат овој лек“, велат од ФЗОМ.
МИА






