Способноста на древните Египќани да ја изградат Големата пирамида во Гиза без современа механизација и напредна технологија со децении ги воодушевува, но и ги збунува научниците и истражувачите ширум светот, пренесува Сајанс фокус.
Сепак, една од најголемите археолошки мистерии би можела конечно да биде разрешена. Истражувачот Висенте Луис Роселјо Роиг во научното списание Нејчр претставува математички докази според кои за транспорт на масивните камени блокови бил користен иновативен систем од спирални, внатрешно вградени рампи.
Големата пирамида во Гиза, најголемата од сите египетски пирамиди, била изградена околу 2560 година пред нашата ера како гробница на фараонот Куфу. Според проценките, таа содржи околу 2,3 милиони камени блокови, при што секој од нив тежи меѓу 2,5 и 15 тони.
За да се заврши споменикот за време на 27-годишното владеење на Куфу, во просек требало да се поставува по еден блок на секои три минути. Сепак, дискусиите за тоа како толку голема зграда можела да биде завршена во тој временски рок траат со години.
Дел од истражувачите сметаа дека при изградбата биле користени надворешни рампи. Но, за нивната изградба би биле потребни огромни количества материјал, а до денес не е пронајден ниту еден јасен археолошки доказ што би го потврдил нивното постоење.
Друга теорија претпоставуваше дека една единствена рампа била вградена во самата пирамида и спирално се издигала низ нејзината внатрешност, по што постепено била затрупувана како што напредувала изградбата.
Сепак, математичкото моделирање на Роиг покажа дека ќе биде потребно речиси половина век за да се изгради пирамидата користејќи само една рампа.
Наместо тоа, тој тврди дека четири вдлабнати рампи истовремено се вртеле спирално околу пирамидата, секоја почнувајќи од различна точка во близина на нејзината основа. По завршувањето на главната структура, тие рампи можеле да се пополнат. Неговиот компјутерски модел покажал дека овој метод би овозможил изградбата да се заврши во рок од 27 години.
„Ова е навистина многу интересно објаснување за изградбата на пирамидата“, изјави д-р Роланд Енмарк, предавач по египтологија на Универзитетот во Ливерпул.
„Теоријата ќе треба да биде потврдена со дополнителни докази, пред сè преку нови скенирања на структурните аномалии што би се очекувале на аглите, каде што рампите нагло би го менувале правецот. Но, објаснувањето изгледа многу уверливо.“
„Но, се чини многу веројатно. Големата пирамида во Гиза не била ниту првата ниту последната пирамида, па затоа ова откритие би можело да фрли светлина врз тоа како биле изградени другите.“






