недела, 7 јуни 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Ехо од 20 век: балканско дежа ву и враќањето на Европа кон старите модели

Подготвувајќи се за моето воведно излагање на претстојната конференција за интеграцијата во ЕУ и т.н. „Западен Балкан“, внимателно ги следам регионалните медиуми. (Домашната медиумска сцена е очајна – истите аналитичари ги повторуваат истите флоскули, со ретки исклучоци. Всушност, си зборуваме самите со себе; никому не му е грижа, а уште помалку некој надвор е заинтересиран за бескрајното лелекање околу македонската судбина).

Долгогодишното чувство сега конечно се потврди: никој веќе не ја есапи Македонија за „жива“, а камоли за значаен дел од регионалната стратегиска имагинација. Практично сме избришани од агендата на дебатите кои се водат на медиумите или интелектуалните кругови. Молдавија ја слушнав спомната почесто од Македонија, а за Украина (па дури и Грузија и да не зборуваме). Македонија повторно стана заборавена провинција, темен вилает на европската периферија од кој малку се очекува, а уште помалку се разбира. Најчесто слушате дека божем не нè разбираат зошто не вложиме повеќе напори во европските реформи.

Вистината е дека Србите, Хрватите, Бошњаците, Црногорците претставуваат некаква „поприродна целина“, конфликтен повеќеаголник со потесни врски. Тие се сите премногу зафатени со меѓусебните нерешени дилеми за да ја забележат нашата агонија во бавно движење на патот кон ЕУ. А сепак, Македонија останува тука, во позадината, не како приоритет, туку како латентен ризик, како потенцијална темпирана бомба складирана во геополитичкиот магацин.

Во меѓувреме, изгледа дека конечно дојде денот на Црна Гора; ѝ се насмевна среќата. По неа чекори и Албанија (наводно на голема нервоза на Иран, кој според некои тврдења ја дестабилизира земјата преку протести против семејството Трамп – да умреш од смеа). Сепак, Еди Рама е во право кога вели дека постојат три работи на кои никогаш не треба да се обложувате: Бог, сексот и Европската Унија. Сè е во Божји раце; ЕУ е заменик на месијата; а она второто се однесува на она како секој секого го „онадува“. Ние Македонците тоа најдобро го знаеме. Нашите политички проститутки дозволија земјата да биде силувана и понижувана повторно и повторно. Денес е Бугарија; почекајте само Албанија да влезе во ЕУ (со божја волја и волја на Брисел).

„Западниот Балкан“ постојано се намалува, иако никогаш вистински не постоеше освен како геополитичка етикета. Се чини дека денес само Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Македонија остануваат меѓу безнадежните случаи, заглавени во мрежа од замрзнати конфликти и систем на меѓусебно поврзани кризи. Човек не може а да не се запраша како ќе изгледа следниот самит ЕУ–Западен Балкан. Со ова темпо, сите ќе влеземе во Унијата кога врбата ќе роди грозје. Поверојатно е ЕУ да престане да постои во ликот кој го знаеме, пред ние да станеме членки. А ако сегашните трендови продолжат, некоја поширока војна може да пристигне пред нашето одамна ветено пристапување.

Кога сме кај војната, не можам да се ослободам од впечатокот дека Балканот се враќа во почетокот на дваесеттиот век. Само што овој пат ние во Македонија немаме личности како нашите револуционери кои во 1903 година ја создадоа првата република во Европа. Ако ја проследивте снимката од неодамнешната конференциска расправија меѓу Ана Брнабиќ и еден поранешен бугарски премиер (забравам му името колку ги имаше – знаете на што мислам). Македонија и понатаму останува јаболко на раздорот меѓу балканските ривали, без оглед на европските вредности и декоративната амбалажа. „Гревот“ на Брнабиќ беше што го кажа она што ниту еден македонски политичар не се осмелува да го изговори додека сонува за „недовршената европска симфонија“ која ќе биде совршена кога и нас ќе нè прифати. Таа едноставно ги изложи фактите за тоа што сè направи Македонија и што доби за возврат. Едно големо ништо што овде се прослави како почеток на преговори. А потоа следуваа нови методологии и нови барања. Бугарскиот господин речиси ќе ја проголташе жива српската колешка поради „мешање“ во внатрешните работи на Бугарија. Пораката беше јасна: Србија нема што да зборува за Македонија, затоа што Македонија е дел од бугарскиот наратив. Не знам како заврши тој дуел, но историјата добро ни кажува каде водат таквите тензии. По Првата балканска војна, Втората се водеше околу поделбата на македонската територија и население. Потоа дојде Првата светска војна, па Втората. Се плашам дека Македонија повторно може да стане повод за некој нов судир.

Во последно време Европа ја гледам како злоставувано дете, малтретирано од Соединетите Држави, кое сега се обидува да глуми сила кон Русија и Кина, додека своите фрустрации ги истура врз непослушните балкански народи (и врз сопствените граѓани кога протестираат против војната). Ако не можеш да го удриш магарето, ќе го удриш самарот. Но тоа не значи дека Европа го изгубила својот колонијален ум и злогласното наследство. Кога овде ме прашуваат зошто Европа е толку цинична и рамнодушна кон еден мал народ кој никогаш никому не му се заканувал, потсетувам дека тоа е истата Европа која пред нешто повеќе од еден век вршеше геноциди во Африка и имаше зоолошки градини со луѓе, а денес стои како соучесник на друг геноцид што се одвива во Азија. Никакво каење, никакво соочување со минатото, никакво извинување!

Од Европа – дури и кога се претставува како Европска Унија – не треба да се очекува премногу разбирање или солидарност. Во очите на нејзините интелектуални и политички кругови, вклучително и на многумина од левицата, Македонците се само еден незначителен народ оптоварен со премногу комплицирана историја. Нив глава ги боли само кога ќе чујат за зборот идентитет, историска самосвест, јазик… Македонските грижи лесно се отфрлаат како провинциски опсесии, а нашите борби се сведуваат на она што тие го сметаат за „заостанати и националистички наративи од минатото“. Но за малите народи, историјата ретко е прашање на носталгија; многу почесто е прашање на опстанок.

Интеграцијата во ЕУ е последното нешто што му е потребно на еден достоинствен народ. Жално е што ниту една македонска партија го нема ова забележано во својата програма јасно и гласно. Стравот е дека на народот не смее да му се одзеде надежта за благосостојба, иако е тоа сето бајка за инфантилни.

Европската, а и балканската сцена, создаваат чувство на дежа ву. Само погледнете ја Германија и слушнете ги германскиот канцелар Мерц и бугарскиот претседател Радев како ја слават својата „традиционална пријателска врска“. Македонците добро ја паметат бугарската окупација во Втората светска војна и сите нејзини страшни последици. Но споменувањето на тие факти, според европските правила, е „говор на омраза“. Затоа, за доброто на европската интеграција, најдобро е да си молчите.

Ништо ново под сонцето, како што рекол еден од ретките мудри римски владетели. За жал, јас не гледам знак на отпор и алтернативна агенда. Од никого.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Јове Кекеновски

Реконструкција без ресет: тест за политичката зрелост на Владатa

Мухамед Халили

Кој ги „брани“ јазичните права на Албанците во Македонија?

Александра Сабрас Апостолова

Кога сè станува итно: притисокот врз родителите на деца со попреченост

Ристо Цицонков

Климатските промени на меѓународен суд

Даниела Митреска

Важноста на семејството во развојот на детето и современите развојни предизвици

Маалска енциклопедија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ