Со години се шпекулира за тоа кој би можел да ја преземе улогата на Бонд по последното појавување на Даниел Крег во филмот од 2021 година „Нема време за умирање“, а предлозите вклучуваа и актери од различни раси, како и жени, објави Си-ен-ен.
Зборувајќи за можноста црн актер да ја игра улогата, Елба за списанието ЏиКју изјави: „Секогаш мислев дека тоа не е реална можност“.
„Џејмс Бонд е напишан на начинот на кој е напишан со причина“, истакна 53-годишниот Елба во интервју објавено во понеделник.
„Ми ласкаше што моето име се поврзуваше со таа улога. Но, реално гледано, постојат пазари каде што тоа едноставно не би било прифатено. Бонд е глобален феномен и некаде публиката не би прифатила црнец, Африканец, да го игра Бонд. Тоа едноставно не се вклопува во нивната култура. Точка“, рече актерот.
На прашањето за долгогодишните шпекулации околу неговата можна улога како агентот 007, Елба нагласи дека никогаш немало сериозни разговори на таа тема.
„Тоа никогаш не беше нешто конкретно. Секогаш беше само гласина“, изјави тој.
Актерот, исто така, ја доведе во прашање потребата ликот на Бонд да се менува во согласност со современите општествени трендови.
„Бонд е толку нереален што малку реалност е добредојдена, но да не се обидуваме да го направиме политички коректен. Мислам дека треба да остане верен на она што е – ескапизам. Не обидувајте се да одговарате на вкусовите на целиот свет. Нека Бонд едноставно биде Бонд“, рече тој.
Елба стана познат благодарение на улогите како Стрингер Бел во серијата „Жица“ и инспектор Џон Лутер во серијата „Лутер“, за која освои Златен глобус во 2012 година.
Тој претходно зборуваше за можноста да го игра Бонд. Во епизода од 2023 година од поткастот „Смартлес“, тој рече дека долго време бил „исклучително поласкан“ од понудата, но дека целата работа на крајот „се сведе на раса“.
Амазон МГМ Студиос ја презеде креативната контрола врз франшизата за Џејмс Бонд минатата година, формирајќи заедничко вложување со Мајкл Г. Вилсон и Барбара Броколи. Минатиот јуни беше објавено дека Денис Вилнев ќе го режира најновото продолжение од франшизата.
Минатиот месец, Амазон МГМ Студиос објави дека започнал процесот на избор на нов актер кој ќе го игра Бонд.
Елба не е единствениот актер што се споменува како можен наследник. Како кандидати беа споменати Хенри Кавил и Килијан Мерфи. Мерфи играше во серијата „Пики Блајндерс“, чиј сценарист и извршен продуцент Стивен Најт е и сценарист на новиот филм за Бонд.
Меѓу фаворитите често се наведуваат и Калум Тернер, Џејкоб Елорд, Арон Тејлор-Џонсон и Харис Дикинсон.






