Според индексот кој го изработува Институтот за економија и мир, вкупното ниво на мир се влошило во 99 земји, што претставува 12-та последователна година на глобален пад.
“Иако го имавме овој катастрофален пад, тоа всушност не влијаеше врз земјите на врвот”, изјави Стив Килелеа, основач и извршен претседател на Институтот за економија и мир, кој го воспостави индексот во 2007 година.
Глобалниот индекс на мир рангира 163 земји според 23 индикатори, вклучувајќи ги воените трошоци, активните конфликти, стапките на убиства и перцепцијата за безбедност.
Најдобро рангираните земји обично имаат ниско ниво на насилство, функционални институции, високо ниво на социјална доверба, добри односи со соседите и висок квалитет на живот, пренесува Би-би-си.
Исланд е на врвот на индексот од 2008 година и го задржува својот статус на најмирна земја во светот 19-та година по ред.
Меѓу десетте најмирни земји во светот, по Исланд, се наоѓаат Нов Зеланд, Швајцарија, Словенија, Ирска, Австрија, Португалија, Сингапур, Финска и Јапонија.
Претставничката на „Визит Исланд“, Одни Арнарсдотир, оцени дека мирот во Исланд е поврзан со природата што ги опкружува жителите, но и со свесниот избор на општеството да гради блиски заедници.
На второ место е Нов Зеланд, кој се подобри во споредба со минатата година и остана најбезбедна земја во Азиско-пацифичкиот регион.
Швајцарија се искачи од петтото на третото место, благодарение на ниската стапка на криминал и долгогодишната политика на воена неутралност.
Словенија за прв пат се најде меѓу петте најмирни земји во светот. Нејзиниот резултат се базира на ниски воени трошоци, високо ниво на безбедност и култура на заедништво.
На петтото место е Ирска, која бележи ниско ниво на насилство и ограничено вклучување во меѓународни конфликти. Традицијата на неутралност на Ирска, искуството од турбулентна историја и културата на гостопримство се издвојуваат како важни елементи во смисла на безбедност и мир.
Глобалниот индекс на мир покажува дека, иако безбедносната состојба во светот продолжува да се влошува, земјите со висока социјална доверба, стабилни институции, ниска милитаризација и силно чувство на заедништво успеваат да одржат високо ниво на мир и стабилност.






