Сè повеќе истражувања потврдуваат дека она што го јадеме влијае не само на физичкото, туку и на менталното здравје. Во центарот на оваа врска е серотонинот, познат како хормон на среќата, кој организмот го произведува со помош на триптофан, аминокиселина што ја консумираме со храната.
Експертите истакнуваат дека не е доволно да се консумира само храна богата со триптофан, како што се јајца, риба, мисирка или јаткасти плодови. За поефикасно производство на серотонин, важно е да се комбинираат со сложени јаглехидрати, кои му овозможуваат на триптофанот полесно да влезе во мозокот.
Овесна каша со семки, лосос со кафеав ориз, интегрален леб со сирење или салата со пилешко и наут се примери за оброци што можат да придонесат за подобро расположение.
Важна улога имаат и витамините од групата Б, магнезиумот и здрава цревна флора. Затоа експертите препорачуваат балансирана исхрана богата со овошје, зеленчук, ферментирана храна и интегрални житарки за поддршка на менталното здравје.






