По вчерашниот пораз од домаќинот Молдавија, македонските тенисери денеска се израдуваа на триумф против Косово откако Калин Ивановски и Олег Приходко ги добија двата сингл меча.
Во првиот меч, кој беше и во прекин поради дожд во вториот сет Калин Ивановски го совлада Дони Гаши со 2-0 во сетови (75 и 64). На тој начин Ивановски ја оствари и втората победа откако вчера го донесе единствениот поен за Македонија во мечот со Молдавија.
Во вториот меч Олег Приходко беше убедлив против Јасин Јакупи и го совлада со 2-0 во сетови, притоа загуби само два гема во мечот (61 61 по сетови).
Во мечот во двојки за македонскиот тим се пријавени Ивановски и Приходко, додека за Косово на теренот треба да се појават Гранит Бајралиу и Салидин Рама. Сепак селекторот Горан Шевченко може да направи и промени во тимот за овој меч.
Во вториот меч од групата Молдавија води против Грузија со 2-0 со што го обезбеди и првото место во групата и промоција во Втората Светска група бидејќи утре ќе игра против аутсајдерот Косово.
Македонија утре ќе игра против Грузија, директен дуел за второто место во групата.






