петок, 12 јуни 2026

Кина поставува „научен“ објект во Јужно Кинеско Море, растат тензиите со Филипините

Американските разузнавачки агенции внимателно ги следат кинеските активности на спорниот гребен Скарборо во Јужно Кинеско Море поради сè поголемата загриженост дека Кина би можела таму да воспостави трајно присуство. Таквиот потег на една од најнестабилните поморски точки во регионот би можел дополнително да ги заостри односите со Филипините и да ја стави на тест посветеноста на Вашингтон кон својот сојузник, пишува Си-би-ес њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Аналитичарите внимателно следат низа неодамнешни кинески поморски операции во близина на гребенот Скарборо, ненаселен, но стратегиски важен атол оддалечен околу 225 километри западно од филипинскиот остров Лузон.

Според американски функционери, кои за Си-би-ес њуз зборувале под услов на анонимност, кинеската влада во средиштето на гребенот поставила, како што Пекинг го нарекува, „научен објект“, што предизвикало остри реакции во Филипините.

САД стапиле во контакт со кинеската влада во врска со поставениот објект. Народноослободителната армија, вооруженото крило на Комунистичката партија на Кина, тврди дека објектот нема воена намена, но кинеските функционери не ја исклучиле целосно можноста војската да го користи во иднина.

Гребенот Скарборо, познат на Филипините како Бајо де Масинлок, а во Кина како Хуангјан Дао, се наоѓа во рамките на исклучивата економска зона на Манила во Јужно Кинеско Море.

И покрај тоа, Пекинг одржува речиси постојано присуство таму уште од 2012 година, кога по тензичниот судир воспостави фактичка контрола врз областа.

Дел американски функционери стравуваат дека најновите активности претставуваат уште еден чекор во долгогодишните напори на Кина да ја зацврсти контролата врз спорните делови на Јужно Кинеско Море. Истото мислење го делат и филипинските власти.

Филипинските служби претходно оваа недела открија пловечка конструкција во рамките на гребенот Скарборо.

Националната работна група на филипинската влада за Западно Филипинско Море во вторникот соопшти дека со воздушен надзор била забележана пловечка платформа со димензии шест на шест метри, опремена со нешто што наликува на антена.

Поновите снимки покажуваат и персонал на врвот на објектот, додека надзорот на филипинската крајбрежна стража потврдил дека платформата функционира во рамките на гребенот.

„Министерството за надворешни работи веќе ги презеде соодветните дипломатски чекори кон владата на Народна Република Кина во врска со незаконското присуство на оваа пловечка структура“, соопшти работната група.

Во соопштението се додава дека филипинските агенции ги проценуваат „природата, целта и импликациите“ на постројката.

Кина ги отфрли филипинските приговори, тврдејќи дека платформата се наоѓа во област што е под нејзина, а не под филипинска контрола.

„Хуангјан Дао отсекогаш бил кинеска територија. Кина има неспорен суверенитет над него и над неговите крајбрежни води“, изјави за Си-би-ес њуз Лиу Пенгју, портпарол на кинеската амбасада.

„Спроведувањето активности, вклучително и научни истражувања на Хуангјан Дао, е целосно во рамките на суверените права на Кина.“

Тој додаде дека Кина ги повикува Филипините да престанат со, како што рече, провокации и лажни обвинувања на море, а од САД побара да престанат да создаваат поделби и да поттикнуваат конфликти.

Најновиот развој на настаните го привлече вниманието на американските разузнавачи и воени планери поради долгогодишната практика на Кина постепено да воспоставува физичка контрола врз спорни поморски области.

Во текот на последната деценија Пекинг претвори неколку гребени и карпи во архипелагот Спратли во утврдени вештачки острови опремени со аеродроми, длабоководни пристаништа, радарски системи и ракетни постројки.

„Сведоци сме на најголемото воено јакнење на Народна Република Кина од Втората светска војна наваму“, изјави во 2022 година пензионираниот адмирал Џон Акилино, тогашен командант на американската Индо-Пацифичка команда.

„Тие ги унапредија сите свои способности, а тоа вооружување го дестабилизира регионот.“

Загриженоста поради кинеските активности во областа веќе подолго време е дел од американското воено планирање.

Си-би-ес њуз минатата година објави дека американската војска подготвила планови за „демонстрација на сила“ како одговор на кинеската агресија во близина на гребенот Скарборо.

Целта била да се испрати порака дека Вашингтон има намера да се спротивстави на ширењето на кинеското влијание и да ги брани суверенитетот на Филипините и традиционалните риболовни права на нивните рибари.

Минатата година Пекинг најави и план за воспоставување „национален природен резерват“ во областа, што предизвика осуда од американскиот сенатор Марко Рубио, додека властите во Манила го оценија како уште еден чекор кон зацврстување на кинеската контрола.

„Тврдењето на Пекинг дека гребенот Скарборо е природен резерват претставува уште еден агресивен обид за промовирање на огромните територијални и поморски претензии во Јужно Кинеско Море на штета на соседите, вклучително и спречување на филипинските рибари да пристапуваат до традиционалните риболовни подрачја“, изјави Рубио.

„Постапките на Кина на гребенот Скарборо продолжуваат да ја поткопуваат регионалната стабилност.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ