„Патот до оваа спогодба бараше интензивни преговори и цврста аргументација од страна на нашиот Управен одбор. Успеавме да постигнеме договор со Гастрејд за потпишување анекс, со кој се поместуваат роковите на плаќањата за закупот. Во согласност со досегашните одредби од договорот ЕСМ беше обврзана на месечен закуп од над 250 илјади евра, средства што редовно ги намирува од октомври 2024 година“, вели Узунчев во интервју за МИА.
Потсети дека во периодот од 12.3.2021 до крајот на 2023 година, Владата, која е основач на ЕСМ, донела одлуки со кои овозможила носење други соодветни одлуки од тогашниот управен одбор (УО) и потврдени од тогашниот надзорен oдбор (НО) на компанијата за склучување договори со Гастрејд С.А., од Грција, за користeње на ЛНГ-терминалот и закупување капацитет за времетраење од 15 години, без да има право да го раскине таквиот договор, за фиксно утврдени количини на гас од 4,95 гигават-часа на ден или 1,8 терават-часа годишно.
„Во согласност со условите од 2023 година, кои се сè уште актуелни, која било количина гас што ќе биде пренесена преку терминалот во Александрополис, за да стигне во државава, мора да помине низ рутата што води низ Бугарија и предвидува ЕСМ да има закупено преносни капацитети таму. За жал, од причини што се опфатени со кривичната пријава, што за овој проект новото раководство на ЕСМ минатата година ја достави до Управата за финансиска полиција и одделот за криминалистичка полиција, на годишните и на кварталните аукции не бил закупен комплетен преносен капацитет од терминалот до Република Македонија. Поради некомплетна рута на преносен капацитет и неможност за влез на евентуално набавениот ЛНГ во земјата, тогашниот УО на ЕСМ на почетокот на 2024 година донел одлука да не се преземаат активности за набавка на гас во рамките на овој проект“, појасни Узунчев.
Досегашната финансиска штета на ЕСМ настаната поради пропустите на минатата влада и минатото раководството на компанијата, како што рече, изнесува над седум милиони евра, од кои четири милиони евра за закуп, заклучно со јануари 2026 година, и три милиони евра за закупени нефункционални капацитети на дел од рутата кон Македонија.
„Клучниот механизам во анекс-договорот е воведување мораториум за користење на терминалот во период од 30 месеци. Тоа нѐ води точно до првата гасна година, од која сметаме дека ќе може оптимално и ефикасно да се искористат количините од капацитетот на закупениот терминал. Нашата цел е тие количини да бидат наменети исклучиво за задоволување на реалните потреби за гас на ЕСМ. Дополнително, направивме целосно репрограмирање на обврските, со што количините во иднина ќе се адаптираат флексибилно, соодветно на нашиот развој“, потенцира Узунчев.
Најави дека компанијата следната недела ќе добие грант од Светската банка за изградба на гасната електрана РЕК „Битола 1“ за која планира да ги троши предвидените количини гас од терминалот во Александрополис.
„Во ЕСМ изминатиот период работиме со полна пареа на развој на проекти за изградба на комбинирани гасни електрани. Тоа е нашиот одговор на глобалните барања за енергетска трансформација и планот со кој постепено ќе го замениме јагленот. Можам да најавам дека веќе наредната недела компанијата ќе потпише грант со Светската банка во износ од 2,4 милиона долари. Овие средства се наменети директно за проектот за гасната електрана РЕК Битола 1, која ќе се гради во кругот на постојните термоелектрани Битола“, нагласи Узунчев.
Посочи дека средствата од грантот ќе бидат целосно насочени кон комплетна и детална подготовка преку изработка на потребните студии, подготовка на проектот и подготовка на тендерската документација за изведба на изградбата на новата гасна електрана РЕК „Битола 1“.
„Штом заврши таа фаза, веднаш ќе распишеме јавен повик по строгите правила на Светската банка, со кој ќе се бара изведувач на изградбата“, рече Узунчев и додаде дека проектот „РЕК Битола 1“ на гас предвидува инсталиран капацитет помеѓу 250 и 300 мегавати, а целосната реализација на овој мегапроект се очекува да заврши до 2030/2031 година, што секако ќе зависи и од времетраењето на самите тендерски постапки.
Воедно, најави дека се планира и конвертирање на ТЕЦ „Неготино“ во гасна електрана, која со децении работи како ладна резерва на мазут, кој е скап и нееколошки енергенс.
„ТЕЦ Неготино е наш голем приоритет. Стручен тим на ЕСМ во моментот интензивно го развива проектот за конвертирање во гасна електрана. Нашата намера е овој капацитет целосно да го модернизираме и да го приспособиме на гас како погонско гориво. Доколку сè оди според предвидената динамика со изработката на студиите за оправданост и за заштита на животната средина, како и подготовката на проектот, очекуваме оваа електрана да биде целосно адаптирана на гас во наредните пет до седум години. Со тоа мазутот заминува во историјата, а Македонија добива уште еден стабилен и модерен столб во енергетскиот систем со инсталиран капацитет помеѓу 300 и 400 мегавати“, потенцира Узунчев во интервју за МИА.






