петок, 12 јуни 2026
Утрово полицијата тропала по врата за да ги предупреди станарите да излезат од становите

Хорор во Кисела Вода, од инсталација се запали зграда на „Трим и Лум“, станарите со бебиња во раце, боси и по пижами бегаа да се спасат (ВИДЕО)

Вистинска драма и моменти на страв утрово преживеале станарите на нова станбена зграда на Трим и Лум во скопската населба Кисела Вода, откако околу 5 часот избувнал пожар пред влезот на објектот.

Објавено на

часот

Сподели

Според сведоштвата на жителите за МКД.мк, пожарот настанал урово кај 5 часот кога се запалила електрична инсталација која, како што тврдат тие, била поставена од ЕВН и на која претходно извесен период биле изведувани работи.

Силниот чад за неколку минути го исполнил влезот на зградата, а жителите биле разбудени од полицијата, но и од силни детонации и звуци кои, како што велат, потсетувале на експлозии.

„Беше како сцена од хорор филм. Се слушаа удари како бомби. Луѓето панично излегуваа од становите, не знаејќи што се случува. Многу беше страшно, преживеавме огромен стрес“, раскажуваат вознемирени станари за МКД.мк.

Во паниката, семејства со мали деца и бебиња во раце трчале по скалите за да се спасат од чадот и огнот. Дел од нив излегле надвор боси и облечени само во пижами, без време да земат лични работи или документи.

Жителите велат дека експлозиите биле толку силни што се слушале и во становите на повисоките катови, предизвикувајќи страв и неизвесност кај сите присутни.

Во моментов зградата е без електрична енергија, а станарите стравуваат дека отстранувањето на штетите и враќањето во нормала би можело да потрае со недели, па дури и цел месец.

Особено ги загрижува фактот што длу во влезот има игротека и простор каде секојдневно играат деца. Според нив, доколку пожарот и експлозиите се случеле преку ден, последиците можеле да бидат многу посериозни.

„Среќа што беше рано наутро и немаше деца надвор. Не сакаме ни да помислиме што можеше да се случи“, велат дел од жителите.

На местото на настанот утрово е присутна и полиција, а се очекува надлежните служби да ги утврдат точните причини за пожарот и евентуалната одговорност за настанатата штета.

Станарите бараат итна истрага и целосно расчистување на случајот, тврдејќи дека она што го преживеале било вистински хорор кој никогаш нема да го заборават.

Повеќе детали од надлежните во текот на денот.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ