петок, 12 јуни 2026

Перински: Новата демографска слика дел од измените на Стратегијата за регионален развој

Собранието ги усвои предложените измени и дополнувања на Стратегијата за регионален развој за периодот 2021–2031, со што се обезбедува нејзино усогласување со актуелните демографски и развојни состојби во државата, како и со Националната развојна стратегија 2024–2044, информираат од Министерството за локална самоуправа.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот Златко Перински пред Комисијата за локална самоуправа и Законодавно правната комисија, во своето излагање нагласи дека целта на измените е Стратегијата да стане пооперативна, пофункционална и поефикасна алатка за постигнување на стратешките цели, преку поддршка на полицентричен развој и намалување на регионалните диспаритети.

Стратегијата за регионален развој претставува основен долгорочен плански документ со кој се утврдуваат принципите, стратешките цели и приоритетите на политиката за рамномерен регионален развој, како и мерките, инструментите и финансиските механизми за нивна реализација.

„Согласно Законот за рамномерен регионален развој, на средината од периодот на нејзиното спроведување се врши тековно оценување со цел да се согледаат постигнатите резултати, предизвиците во имплементацијата и потребата од прилагодување на предвидените мерки“, се вели во соопштението.

Предложените измени и дополнувања се темелат на наодите од спроведеното тековно оценување и имаат за цел да ја зголемат применливоста и ефикасноста на Стратегијата. Во рамки на ревизијата се извршени интервенции во делот на мерките кои се покажале како тешко спроведливи, обезбедена е поголема усогласеност со идните развојни политики и воведени се нови мерки во областите каде што е утврдена потреба од дополнителни активности.

Дополнително, со измените се врши усогласување на Стратегијата со резултатите од Пописот на населението од 2021 година, со што новата демографска слика се интегрира во процесот на планирање и спроведување на политиките за рамномерен регионален развој.

Измените и дополнувањата на Стратегијата се резултат на сеопфатен консултативен процес во кој беа вклучени надлежните институции и релевантните чинители што учествуваат во нејзината имплементација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ