Новата конзервативна словенечка влада денеска ја укина забраната за влез во земјата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и на двајца негови министри, означувајќи промена на политиката кон Израел што ја водеше претходната влада на левиот центар.
Владата на премиерот Јанез Јанша, исто така, ја укина забраната за увоз од израелските населби, како и ембаргото за извоз и транзит на воено оружје и опрема за Израел и од Израел, пренесе словенечката новинска агенција СТА.
Владата на Јанша ја презеде должноста порано овој месец, по парламентарните избори во март. Јанша изјави дека ќе настојува да ги подобри односите со Израел, спротивно на политиката на неговиот претходник Роберт Голоб, пренесува Асошиејтед прес.
За време на владеењето на Голоб, Словенија беше една од најголемите критичари на Израел во Европската Унија. Земјата ја призна палестинската држава во 2024 година, а потоа во 2025 година воведе забрана за влез за израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, министерот за финансии Безалел Смотрич и за Нетанјаху.
На Бен-Гвир минатиот месец му беше забранет влез и во Франција. Тој предизвика глобален гнев кога промовираше снимка на која се гледа како ги провоцира активистите од флотилата за Газа, кои беа приведени од израелската полиција.
Новата словенечка влада соопшти дека ги укинува казнените мерки за да отвори простор за политичка комуникација, пренесува СТА. Министерството за одбрана наведе дека трговијата со оружје веќе е доволно регулирана со постојните национални закони за одбрана и со утврдените критериуми.
„Политичкиот дијалог и тивката дипломатија ќе помогнат да се зајакне улогата на Република Словенија во напорите за постигнување траен мир на Блискиот Исток“, соопшти словенечката влада. Таа се повика на активна соработка наместо на мерки што ги ограничуваат и затвораат каналите за директна комуникација.
Минатата година Словенија ја поврза забраната за влез на Нетанјаху со налогот за негово апсење што го издаде Меѓународниот кривичен суд.
Набргу по преземањето на должноста, владата на Јанша го отстрани палестинското знаме од владината зграда, симболично означувајќи ја промената на политиката.
Словенечката либерална претседателка Наташа Пирц Мусар потоа го истакна тоа знаме на зградата на претседателството.
Израел, исто така, овој месец објави дека ќе отвори амбасада во Словенија. Досега израелската амбасада во Виена ги покриваше дипломатските интереси во соседна Словенија.






