Во периодот од 9 до 11 јуни во Домот на Армијата во Скопје се одржа Втората конференција за заедничка обука за оклопните борбени возила страјкер, со учество на претставници од повеќе земји и воени структури.
На конференцијата, како што соопштија од Армијата, учествуваа претставници од Соединетите Американски Држави – Националната гарда на државата Вашингтон, Армијата на САД за Европа и Африка, 7. армиска команда за обука и 2. коњички полк, како и претставници од Република Бугарија, Американската воена група во Македонија и Канцеларијата на одбранбеното аташе на САД.
Конференцијата ја отворил директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Орце Јордев, кој истакнал дека Армијата е посветена на развојот на способностите за употреба на возилата страјкер и на јакнење на својата улога како кредибилен сојузник во НАТО.
Во рамки на работните сесии биле разгледани националните програми за обука, можностите за унапредување на заедничката рамка за обука, како и предизвиците поврзани со одржувањето и одржливоста на системите. Учесниците се запознале и со оперативните искуства од употребата на возилата, како и со капацитетите на Армијата за нивна обука и одржување.
По завршувањето на конференцијата биле усвоени заеднички заклучоци со кои се утврдуваат насоките за идната соработка и заедничките активности во областа на обуката, одржувањето и развојот на способностите поврзани со страјкер.
Во рамки на настанот, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, остварил средба со бригадниот генерал Пол Селерс од Националната гарда на државата Вашингтон, при што била потврдена заедничката заложба за унапредување на билатералната воена соработка и размена на искуства.
Организаторите оценуваат дека конференцијата претставува значаен придонес за јакнење на интероперабилноста меѓу сојузниците и за развој на заедничките одбранбени способности во рамки на Алијансата.






