четврток, 11 јуни 2026

МНР го демнатира ЦГК дека незаконски евакуирале граѓани од Блискиот Исток

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) категорично ги отфрла инсинуациите и шпекулациите изнесени во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), „во кое без никакви докази се пласираат тврдења за наводно незаконско постапување при организацијата на евакуацијата на македонските државјани од регионот на Блискиот Исток“, се наведува во реакцијата на МНР.

Фото: Принскрин

Објавено на

часот

Сподели

„Особено загрижува фактот што во анализата целосно се игнорира контекстот во кој беше спроведена постапката. Станува збор за вонредна состојба предизвикана од воени дејствија и директна закана по безбедноста на македонските граѓани затекнати во кризното подрачје. Постапката беше спроведена, во согласност со законските прописи, врз основа на заклучоци на Владата и со единствена цел – навремена и безбедна евакуација на нашите државјани“, се наведува во реакцијата на МНР, а објави зум.мк.

Како што пишува во написот, спротивно на тврдењата објавени во анализата, Министерството најпрво доставило покани до девет различни економски оператори, „што претставува повеќе од доволен број за обезбедување конкуренција во услови на итност, но ниту една од поканетите компании не доставила понуда. Дури по неуспешното завршување на првата постапка и по добиените информации од Амбасадата во Абу Даби дека авиокомпанијата Флај Дубаи можела да обезбеди летови, била отпочната постапка со единствениот субјект кој во тие околности можел со сигурност да ја реализира услугата.

„Апсолутно неточно е тврдењето дека Министерството произволно избрало економски оператор. Изборот беше направен врз основа на информации добиени од дипломатско-конзуларната мрежа и по претходно исцрпување на сите други реални можности за организација на летовите. Дополнително, целосно се игнорира фактот дека Флај Дубаи е национална нискобуџетна авиокомпанија на Обединетите Арапски Емирати, односно државата од која требаше итно да бидат евакуирани македонските државјани. Во услови на воен конфликт, затворен воздушен простор и воведени безбедносни ограничувања, голем дел од меѓународните авиокомпании ги прекинаа или значително ги ограничија летовите кон регионот. Во тие околности, летови продолжија да реализираат пред сè националните авиокомпании на Обединетите Арапски Емирати, како Емирати, Етихад, Фалј Дубаи како и Флај Нас, која е национална нискобуџетна авиокомпанија на Кралството Саудиска Арабија. Токму затоа, овие оператори беа меѓу ретките реални и достапни опции за безбедна и навремена евакуација на нашите граѓани“, велат од МНР.

Според Министерството, неосновани се и обвинувањата поврзани со плаќањето на услугите.

„Условот средствата да бидат исплатени пред реализацијата на летовите не беше утврден од Министерството, ниту од избраниот оператор, туку претставуваше објективен услов наметнат од локалните превозници и специфичните пазарни услови во регионот на Блискиот Исток во услови на воена криза. Во ситуации кога се спасуваат човечки животи, државата е должна да постапува брзо и ефикасно, а не да дозволи административни процедури да ја доведат во прашање безбедноста на сопствените граѓани. Во обид да создаде сензационализам, анализата ги игнорира и фактите дека во истиот период повеќе европски и соседни држави организираа евакуации со државни или чартер-летови на товар на државниот буџет, водејќи се од истиот принцип – заштита на сопствените граѓани во услови на непосредна опасност, а во голем дел од државите трошоците за реализација на евакуацијата беа покривани од самите патници“, велат од МНР.

Особено неодговорно е, наведуваат оттаму, што без докази се пласираат сомнежи за корупција или местење на постапката.

„Таквите конструкции не се поткрепени со ниту еден факт, документ или доказ. Наместо објективна анализа на околностите во кои беше спроведена евакуацијата, јавноста е изложена на шпекулации кои создаваат погрешна слика за една од најсложените, најитните и најуспешно реализираните операции што државата ги спроведе за заштита на своите граѓани. Министерството останува целосно отворено за проверка на сите аспекти од постапката. Истовремено, сметаме дека во ситуации кога станува збор за човечки животи и безбедност на граѓаните, јавната дебата мора да се темели на факти, а не на претпоставки и инсинуации. Факт е дека македонските граѓани беа безбедно евакуирани од кризното подрачје. Факт е дека постапката беше спроведена во исклучително сложени и непредвидливи околности. И факт е дека Министерството постапуваше исклучиво и целосно во согласност со законите и во интерес на безбедноста на своите граѓани“, се наведува во реакцијата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а ја објави зум.мк.

Претходно денеска, ЦГК објави истражување во кое меѓу другото беше анализран тендерот на МНР за закуп на авиони во март годинава. Според ЦГК, летовите за евакуација на граѓаните од Блискиот Исток чинеле еден милион евра, плаќани однапред, над законскиот лимит.

„Евакуациските летови од Дубаи и Ријад во март 2026 година се платени авансно, што е спротивно на Законот за јавните набавки, кој предвидува дека максималниот износ на авансот може да изнесува до 20 отсто од вредноста на договорот. Авансните плаќања не биле обезбедени со банкарска гаранција како што предвидува Законот и не биле однапред предвидени во тендерската документација. За евакуациските летови се спроведени еден неуспешен и еден успешен тендер, по којшто е склучен договорот за закуп на авионите. Тендерите се спроведени во рамките на Законот за јавните набавки кој за итните ситуации дозволува директно контактирање на фирмите. Но, документите откриваат низа одлуки кои, земени заедно, ја оневозможиле реалната конкуренција“, се наведува во истражувањето на ЦГК.

Резултатите од истражувањето уште покажаа дека првиот тендер во кој понуди биле побарани од девет фирми е поништен. Во втората постапка, барањето за доставување понуда било испратено само до една фирма — Авиалог Скопје, „за која МНР тврди дека дознала дека е претставник на Флај Дубаи. Како доказ за поврзаноста меѓу Авиалог и Флај Дубаи, МНР достави картичка за ангажман во Флај Дубаи која му припаѓа на физичко лице — основачот на Авиалог, но која не докажува деловна или правна поврзаност меѓу двете компании“.

„Фирмата доставува понуда следниот ден, на 6 март во 14 часот, по што во истиот ден следувале преговори, склучување на договор, издавање на фактура со датуми за првите два лета и плаќање на фактурата од страна на МНР“, покажаа резултатите од истражувањето на ЦГК .

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ