Обраќајки се до Дирекцијата за заштита и спасување и директорот Стојанче Ангелов и сите други надлежни институции, Георгиевски објаснува дека пожарот е подметнат, дека е над штипско Ново Село и дека за негово гаснење мора да се дејствува од воздух зошто, како што вели тој во видеото, човечка нога таму не стапнува.
Во друго видео што го објави Георгиевски се гледа како граѓани кои во моментов престојуваат во викенд куќите спасуваат маж кој се гуши и чија куќа е во пламен.
Георгиевски објави и видео во кое се обраќа до Итната помош во Штип во која во моментов носи повреден штипјанец чија куќа е зафатена од пожарот.
Набрзо по објавувањето, видеата беа избришани од фејсбук профилот на Георгиевски.
Директорот на ДЗС, Ангелов кратко информираше дека ер трактор на ДЗС веќе дејствува на терен. Повеќе информации се очекуваат во текот на денот.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека денеска попладне на бројот 112 е пријавен пожар на отворено во близина на локацијата Кадидере, каде што ноќеска беше изгаснат претходниот пожар.
„ТППЕ Штип првично интервенирала со екипа од три пожарникари и едно противпожарно возило, а поради влошување на состојбата, во 15:20 часот на терен биле ангажирани вкупно 20 пожарникари и четири противпожарни возила. Во гаснењето се вклучи и ДПД Штип со четири возила и 12 членови. Од пожарот се зафатени сува трева и грмушки, а поради силниот ветер тој брзо се шири на тешко пристапен терен. Од пожарот се зафатени и неколку викендички. Поради влошување на состојбата, покрај екипите на ТППЕ Штип и ДПД Штип, повикани се и екипи од околните територијални противпожарни единици во регионот. Активиран е и авион на Дирекцијата за заштита и спасување, а преку ЕЛС е побарана дополнителна помош од соседните општини. Пожарот добива на интензитет, а сите расположливи локални единици се ангажирани на терен во обид да се стави под контрола огнената стихија“, информираа од ЦУК.






