четврток, 11 јуни 2026

Папата за мигрантите: Историјата ќе им суди на оние кои ја вртат главата од нивното мачење

Папата Лео Четиринаесетти денес апелираше до светските лидери да се однесуваат похумано кон мигрантите, предупредувајќи за време на посетата на шпанските Канарски Острови, едно од главните европски жаришта на миграцијата, дека историјата ќе ги осуди оние што дозволуваат страдање на луѓето кои бегаат од војна или сиромаштија. Папата кажа дека „човечкото достоинство нема пасош и не ја губи својата вредност со преминување на граница“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Не смееме да се навикнеме да ги броиме мртвите“, кажа тој во пристаништето Аргуинегин на островот Гран Канарија, кое хуманитарните организации го нарекоа „Пристаниште на срамот“ откако околу илјада мигранти беа принудени да останат таму во нехумани услови во првите месеци од пандемијата на коронавирусот.

„Нека историјата не нè обвинува дека болката на оние што страдаат ја претворивме во вообичаена глетка на нашите брегови“, им кажа тој на илјадниците собрани на споменикот на мигрантите што загинаа на море. „Порано или подоцна ќе се знае дали сме го заштитиле животот или сме подлегнале на рамнодушноста“.

Папата, кој во последните месеци зазема поостар тон кон насоката на глобалното политичко лидерство, неодамна предизвика незадоволство кај американскиот претседател Доналд Трамп со острото критикување на неговата строга антиимигрантска политика.

Папата престојува на архипелагот покрај западниот брег на Африка како дел од еднонеделната посета на Шпанија, за време на која ќе се сретне со околу илјада мигранти во петок. Канарските Острови се една од дестинации на мигрантите кои често се впуштаат во опасното патување преку Атлантикот во импровизирани и преполни бродови.

За време на средбата на пристаништето со претставници на невладини и хуманитарни организации кои им помагаат на мигрантите, папата ги слушна сведоштвата на волонтерите, вклучувајќи и капетан на спасувачки брод, кој кажа дека во текот на 18 години работа тој и неговите колеги спасиле околу 20.000 мигранти.

„Тоа е бројка од која ми се лоши и која не може да се заборави“, кажа капетанот Тито Виљармеа. „Сакам да не моравме да спасиме никого“. Папата го сослуша сведоштвото на една Нигеријка, прочитано во нејзино име, која опиша како била жртва на трговија со луѓе и сексуална злоупотреба додека се обидувала да дојде во Европа во потрага по подобар живот.

„Живеев во услови што не би му ги посакала на никого“, порача таа. Папата ѝ кажа дека таа е благослов од Бога и дека заслужува среќа.

„Драги мигранти, пред да ви кажам нешто друго, сакам да се поклонам пред вашето достоинство“, изјави тој. „Вие не сте само броеви или досиеја. Вие сте луѓе кои ги оставиле семејствата и домовите зад себе. Имате соништа што никој нема право да ги презира“, истакна тој.

Канарските Острови, на повеќе од илјада километри од шпанското копно, примија рекордни 46.843 мигранти со нерегуларен статус во текот на 2024 година, додека во 2015 година имало помалку од 1.000, според официјалните податоци.

Минатата година, повеќе од 3.000 луѓе загинале обидувајќи се да стигнат до островот, објави организацијата Каминандо фронтерас.

Папата во понеделникот во шпанскиот парламент изјави дека недостигот од помош за мигрантите низ целиот свет ги доведува во прашање „етичките основи на меѓународниот поредок“. Денес тој повика на воспоставување „легални и безбедни патишта“ за миграција, меѓународна соработка во борбата против трговијата со луѓе и финансирање на спасувачки операции за мигранти во опасност на море.

Тој додаде дека светот мора да направи повеќе за да ја искорени сиромаштијата, војните и корупцијата кои ги принудуваат луѓето да ги напуштат своите домови. „Не е доволно да се управува со пристигнувањата, да се дистрибуираат статистички податоци, да се зајакнат границите или да се оплакуваат мртвите само откако ќе починат“, порача папата.

За разлика од повеќето европски земји, Шпанија има поотворен пристап кон мигрантите и почна програма преку која повеќе од половина милион луѓе без регулиран статус би можеле да добијат дозвола за престој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ