Ова е важен процес, особено ако се земе предвид дека Законот за заштита на природата е донесен во 2004 година, а во меѓувреме се менуваат предизвиците со кои се соочува природата и политиките за нејзино зачувување. За МЕД, новиот закон е можност да се постави појасен, посовремен и поприменлив систем за заштита на природата, усогласен со реалните потреби за зачувување на биолошката, геолошката и пределската разновидност, меѓународните обврски на државата и европските политики.
Нацерт-законот содржи важни чекори, како подготовка на Натура 2000, јакнењето на системот на заштитени подрачја, препознавањето на ревитализацијата како законска обврска, воспоставување национален информативен систем за природата и подобрувањето на инструментите за заштита на видовите и живеалиштата. Овие насоки се значајни за посовремен систем за заштита на природата.
Сепак, МЕД смета дека одредени делови од текстот треба дополнително да се прецизираат за законот да може полесно да се применува во пракса. Во доставените коментари, МЕД посебно укажува на потребата од појасно уредување на одредбите поврзани со Натура 2000, подобро препознавање на загрозените живеалишта и воведување Црвена листа на типови живеалишта, појасни механизми за ревитализација и надоместување на штетата, побалансирани казнени одредби поврзани со фактичката штета врз природата, посилна научна основа за носење одлуки, како и на потребата од појасно уредување на пристапот до генетските ресурси и правичната распределба на придобивките од нивното користење.
Иако рокот за коментирање беше во предвидената законска рамка од 30 дена, обемот и значењето на нацрт-законот покажуваат дека оваа тема заслужува поширока јавна и стручна дебата и по завршување на оваа формална консултативна постапка. Тоа ќе биде важно како за опфатот на овој закон, така и неговата поврзаност со другите релевантни закони кои се рефлектираат врз природата. Ова е закон што ќе има долгорочно влијание врз заштитата на видовите, живеалиштата, заштитените подрачја и природните ресурси, па затоа конечниот текст треба да биде резултат на внимателно разгледување, стручна размена и решенија што ќе можат реално да се применуваат во пракса, се вели во соопштението на МЕД.






