четврток, 11 јуни 2026

Растот на трошоците за домување турка сè повеќе Европејци во бездомништво

Растечките трошоци за домување го прават правото на достапно домување сè потешко за многу Европејци, што доведува до зголемување на бездомништвото, предупредува Агенцијата за основни права на Европската Унија (ФРА) во својот последен извештај. Поради зголемувањето на цените, многу поединци и семејства повеќе не можат да плаќаат за своите домови, пишува Еуроњуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во годишниот извештај на агенцијата со седиште во Виена се наведува, според податоците на Евростат, дека цените на недвижностите во Европската Унија се зголемиле за дури 53 проценти од 2015 до 2024 година. Во истиот период, кириите се зголемиле за речиси 17 проценти.

„Зголемените трошоци влијаат на многу поединци и семејства бидејќи сè повеќе луѓе не можат да си дозволат дом и се изложени на ризик од бездомништво“, изјави директорката на ФРА Сирпа Рауцио во извештајот. Иако повеќе од две третини од жителите на ЕУ поседуваат сопствен дом, помалку од половина од оние чии приходи се под прагот на ризик од сиромаштија поседуваат сопствен дом.

Извештајот ги издвојува младите луѓе како една од групите најпогодени од кризата со домувањето. „Младите и ранливите групи се соочуваат со тешкотии што го загрозуваат нивното фундаментално право на соодветно домување, а многумина сè уште се незаштитени од иселувања“, рече Раутио.

Истовремено, ФРА наведува дека постојат индикации дека бездомништвото е во пораст. Европската федерација на национални организации што работат со бездомниците (Феантса) проценува дека во 2025 година речиси 1,3 милиони луѓе во Европската Унија ќе доживеат бездомништво.

Агенцијата потсетува дека правото на соодветно домување е признато од меѓународното право за човекови права и важи за сите, вклучувајќи ги мигрантите, бегалците и барателите на азил. Меѓународните и европските договори, исто така, ги обврзуваат владите да го спречат бездомништвото, да го подобрат пристапот до прифатливо домување и да ги заштитат луѓето од дискриминација.

Во својот извештај ФРА повикува на пристап кон домувањето базиран на права за ефикасно решавање на бездомништвото, заштита од присилни иселувања и обезбедување заштитни мерки за луѓето во ранливи ситуации.

Тие предупредуваат дека зголемената несигурност во домувањето става повеќе луѓе во ризик од бездомништво. Раутио, исто така, забележа дека ЕУ е „сè повеќе тестирана во одржувањето на владеењето на правото и основните права“ поради „интензивна геополитичка нестабилност и безбедносни закани“.

„Непредвидливата меѓународна средина и тековните војни влијаат и врз нас – не само врз чувството на безбедност и благосостојба на луѓето“, кажа таа. Извештајот ги опфаќа сите 27 земји-членки на ЕУ, како и Албанија, Македонија и Србија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ