четврток, 11 јуни 2026

Мелони: ЕУ треба да именува еден претставник за преговорите со Русија

Европските сојузници на Украина би требало да назначат еден претставник за преговори со Русија за крајот на војната, им кажа денес на пратениците италијанската премиерка Џорџа Мелони, нагласувајќи дека помали групи нации не можат да го претставуваат целиот блок.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пред четири дена лидерите на Британија, Франција и Германија, кои го предводат неформалниот безбедносен сојуз наречен Е3, се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски и кажаа дека го поддржуваат предлогот на Киев за преговори со Русија за обезбедување прекин на огнот.

Мелони, цврст поддржувач на Киев, кажа дека на Европа ѝ е потребна „интеракција“ со Москва за да го запре конфликтот, но дека ниедна ограничена група нема „легитимитет да зборува“ во име на сите.

„Одамна ја поддржувам потребата од назначување авторитативно лице, на кое сите земји членки на ЕУ че му искажат доверба и ќе добие мандат да ја претставува Европа“, изјави таа пред парламентот пред самитот на ЕУ и состанокот на лидерите на Г7 следната недела.

Таа додаде дека напорите за градење мир во Украина бараат и посилна координација меѓу Европа и Соединетите Американски Држави, велејќи дека „предизвикот не е секогаш лесен, но е неопходен“.

Изјавите на Мелони доаѓаат по пораката на полскиот премиер Доналд Туск, кој оваа недела кажа дека жали за отсуството на неговата земја од разговорите со Зеленски во Лондон и најави дека наскоро ќе се одржи уште еден состанок за Украина, на кој ќе учествуваат и Варшава и Рим.

Таа се осврна и на ситуацијата со Иран

Во својот говор, Мелони се осврна и на војната на САД против Иран, нагласувајќи дека континуираните тензии во Ормускиот теснец ги зголемуваат цените на енергијата и ја оптоваруваат глобалната економија. Таа кажа дека Европа треба да биде подготвена да ги ублажи санкциите врз Иран доколку покаже подготвеност за преговори.

„Ако, наместо тоа, Техеран продолжи по погрешен пат, загрозувајќи ја слободната пловидба, извршувајќи напади, поддржувајќи милиции и кршејќи ги меѓународните обврски, тогаш Европската Унија мора да биде подготвена да го зголеми притисокот, вклучително и нови насочени мерки“, смета таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ