четврток, 11 јуни 2026

Шведска ги враќа книгите во училниците

Технолошки напредната Шведска, во која се седиштата на музичкиот стриминг сервис Спотифај и телекомуникацискиот гигант Ериксон, има еден од дигитално најнапредните образовни системи во светот. Сепак, целта на забраната за мобилни телефони е да се поттикне создавање средина за учење со помалку попречување, надоврзувајќи се на ограничувањата за употреба на телефони што веќе се самонаметнати од многу училишта во земјата со повеќе од 10 милиони луѓе.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Покрај таа забрана, оваа година владата издвои 555 милиони шведски круни, или 59 милиони долари, како дел од новите средства за купување учебници и прирачници за наставниците.

Политиката за враќање кон книгите беше поттикната од падот на писменоста за читање. Во Програмата за меѓународна проценка на учениците за 2022 година, најновата студија на Организацијата за економска соработка и развој, 24,3 проценти од шведските деветтоодделенци не достигнале основно разбирање на читањето. Тој резултат е само малку подобар од просекот на Европската Унија, кој е 26,2 проценти.

Магнус Хејк, вонреден професор по когнитивни науки на Универзитетот Лунд во јужна Шведска, вели дека учењето со физички материјали го ангажира сензомоторниот дел од мозокот на детето и „го стимулира целиот систем“.

Шведска презема чекори и надвор од училиштето: нејзината агенција за јавно здравје им советува на родителите како да бидат подобри примери во користењето екрани, на пример со тоа што дома ќе имаат исти „зони без екран“како и нивните деца.

Во средното училиште Малме Боргарскола, во јужна Шведска, мобилните телефони веќе се забранети за време на часовите. Учениците ги ставаат своите телефони во кутија, наречена „мобилен хотел“, и ги собираат на крајот од часот.

„Кога имате телефон, секогаш има нешто што можете да го погледнете“, вели ученичката Мелина Салахи (17). „На овој начин има помалку одвлекување на вниманието“.

Нејзиниот соученик Василије Стјепановиќ, исто така 17-годишен, вели дека апликациите како игри или социјални мрежи се „позабавни од учењето“, додавајќи дека учениците можат подобро да учат кога ќе им се одземат телефоните.

Истовремено секој ученик добива лаптоп. Сепак, заменик-директорот Патрик Сандер вели дека учениците сега се обесхрабруваат да ги користат на час, освен ако наставниците не побараат.

„Денес гледаме дека притисокот се движи во спротивна насока“, вели Сандер. „Се вративме чекор назад, сфаќајќи дека пишувањето со рака, со молив, помага во меморијата.“

Од минатото лето шведските деца под две години можат да користат само недигитални материјали, како што се книги, додека децата од предучилишна возраст воопшто не се обврзани да користат дигитални наставни помагала. Нова наставна програма, која ќе даде приоритет на учењето базирано на книги, се очекува во 2028 година.

Сепак, не сите во нордиската земја го поддржуваат отстапувањето од дигиталното учење.

Шведското здружение на индустријата за едукативни технологии во извештај наведува дека се очекува 90 проценти од сите идни работни места да бараат дигитални вештини. Недостигот од ова знаење може да доведе до недостиг од вештини кај младите Швеѓани, недостаток на иновации во јавниот сектор, па дури и до зголемена невработеност, предупредува извештајот.

Питер Карлсон, извршен директор на стартапот Имви лабс од Малме, кој користи уреди за виртуелна реалност за обука на координацијата мозок-око кај деца и возрасни, вели дека не сите екрани го нарушуваат учењето и дека одредени софтверски решенија се „клучни“ за да им се помогне на децата со тешкотии во учењето или читањето.

„Со добри алатки, наставата може да стане поефикасна“, смета тој.

Сепак, нема голема загриженост за стекнување дигитални вештини во училиштето во Малме. Едно утро во мај, учениците ги држеле своите учебници и дискутирале за руската историја додека се подготвувале за завршните испити.

„Секој користи дигитални уреди во слободното време, па затоа не мислам дека тоа е нешто што треба да се учи во училиште“, вели ученичката Мелина Салахи. „Тоа не е нешто за што се грижам“.

Нејзиниот соученик Аслан Ожан Киличасан додава: „Учиме многу полесно кога користиме книги“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ