четврток, 11 јуни 2026

Два пожари за два дена кај Штип, сведоци се сомневаат дека огнот е подметнат (ВИДЕО)

Нов пожар избувна денеска во штипскиот регион, на локација различна од онаа каде што вчера беснееше огнена стихија. Според изјавите на надлежните и сведоштвото на луѓе затекнати на местото на настанот, постојат сериозни индиции дека станува збор за ново жариште кое нема директна поврзаност со пожарот што беше изгаснат во текот на ноќта. Според последните информации, пожарот пожарот во викенд населбата Кумлак над градот Штип е изгаснат.

Објавено на

часот

Сподели

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов изјави дека теренот бил исклучително непристапен, со густа и сува вегетација, трње и грмушки, додека силниот ветер дополнително го забрзал ширењето на огнот.

„Пожарот избувна во непосредна близина на викендички и за кратко време се прошири со силен интензитет. Благодарение на брзата реакција на пожарникарите и добрата координација на локалните власти, пожарот беше релативно брзо ставен под контрола“, рече Ангелов.

На барање на градоначалникот на Штип, во гаснењето бил вклучен и еден „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, кој извршил три исфрлања вода. По проценката на екипите на терен, воздушната интервенција била прекината бидејќи пожарот веќе бил локализиран.

Ангелов информираше дека во моментов сите три „ер трактори“ на Дирекцијата се оперативни и подготвени за претстојната сезона на пожари, откако и преостанатите две летала биле вратени од сервис.

Во меѓувреме, градоначалникот на Штип соопшти дека новиот пожар избувнал на околу еден километар од вчерашното жариште и дека постојат сомнежи оти е подметнат или предизвикан од други околности.

„Разговаравме со повреденото лице кое беше во близина на местото на настанот. Неговото сведоштво укажува дека денешниот пожар нема директна поврзаност со вчерашниот. Тоа отвора сомнежи дека станува збор за ново жариште кое е настанато под други околности“, изјави градоначалникот.

Во пожарот биле загрозени неколку викендички и човечки животи, а според првичните информации има оштетени објекти, како и површини со нискостеблеста шума и вегетација.

Надлежните упатија апел до граѓаните да не шират паника, но да бидат исклучително внимателни во текот на летниот период. Посебно беше нагласена потребата сопствениците на викендички да ги расчистуваат своите имоти од сува вегетација и да создаваат заштитен појас околу објектите.

Во акцијата за гаснење учествуваа Територијалната противпожарна единица од Штип, пожарникари од соседните општини, доброволните противпожарни друштва од Штип и Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, како и Центарот за управување со кризи.

Од локалната власт најавија дека на терен ќе останат дежурни екипи кои ќе го следат подрачјето за да се спречи евентуално повторно активирање на огнот.

Пожарникарот Александар Георгиевски кажа дека по цели 11 часа на терен справувајќи се со вчерашниот пожар, сите се вратиле дома, но околу еден часот попладне денеска веднаш му било јавено од пријатели кои живеат над Ридарската Чешма, во близина на антените, известувајќи го дека повторно има пожар.

„Бидејќи потекнувам од тој крај и одлично го познавам теренот, веднаш ја облеков униформата и пеш се упатив кон местото на настанот. Кога пристигнав, првото место до кое дојдов беше викендичката на човекот кој моментално е повреден, но за среќа неговиот живот е спасен. Човекот се обидувал сам да ја заштити својата викендичка од огнот. Во разговор со него и со уште едно лице кое било присутно на местото, добивме потврда дека од утринските часови, односно од околу 8 часот до 13 часот, немало никакви знаци на чад, оган или било каква поврзаност со вчерашниот пожар“, кажа Георгиевски.

Според сведоштва на луѓето што се затекнале на местото на настанот, пожарот се проширил за помалку од пет минути. Силниот ветер го насочил огнот директно кон викендичката. Човекот се обидувал самостојно да го спречи ширењето на пламените јазици, но ситуацијата брзо излегла од контрола.

„Сакам да им се заблагодарам на градоначалникот на Општина Штип и на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, за нивната брза реакција. Веднаш по добиената информација ги контактирав и двајцата и без одлагање беше испратена воздушна поддршка. Во тие моменти мој приоритет не беше да следам каква техника е ангажирана на терен, туку да му помогнеме на повредениот. Заедно со присутните го пренесовме до Клиничката болница во Штип, каде што му беше укажана лекарска помош. Најважно е што човечкиот живот е спасен и лицето не е животно загрозено. Одговорно тврдам, како и луѓето кои беа присутни на местото на настанот, дека денешниот пожар е различен од вчерашниот. Огнот избувнал на околу еден километар од викендичката што прва била зафатена од пламените јазици“, кажа Георгиевски.

Како што информираше тој, повредениот има изгореници на нозете и рацете, како и последици од вдишување чад, но неговата здравствена состојба е стабилна и не е во животна опасност.

„Морам да истакнам дека институциите реагираа исклучително брзо и професионално. Ретко кога сме биле сведоци на толку координирана и навремена интервенција. За мене е чест и гордост што денес успеавме да спасиме човечки живот. Тоа е најважно. Викендичките и материјалните добра можат повторно да се изградат, но човечкиот живот нема цена и не може да се надомести“, кажа Георгиевски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ