четврток, 11 јуни 2026

Центар за граѓански комуникации: Три тендери со незаконски авансни плаќања и спорна реализација

Набавка на пасоши, лични карти и возачки дозволи, тендерот на МНР за закуп на авиони и тендерот на Општина Чаир за училиштен базен се трите случаи за кои Центарот за граѓански комуникации го објави најновото истражување за Јавен надзор над јавните набавки. Анализирани се конкретни случаи на потенцијално незаконски спроведени тендерски постапки во коишто грижата за јавните пари не била примарна. Овие случаи се издвојуваат преку анализа на наодите од црвените знаменца кои ги применува Бирото за јавни набавки, преку истражувања кои почиваат на јавно достапните информации, како и преку консултации со граѓаните, се вели во соопштението на ЦГК.

Објавено на

часот

Сподели

За 5 години граѓаните платиле 73 милиони евра за лични документи врз основа на тендер стар 21 година и договори кои се „доверливи“.

Изработката на пасоши, лични карти и возачки дозволи во последните пет години го чинело МВР 29 милиони евра, а за добивање на овие документи граѓаните платиле 73 милиони, односно 44 милиони евра повеќе. Најголем дел од 73-те милиони евра што ги платиле граѓаните е за добивање пасош, дури 60 милиони евра за 5 години. Документите ги изработува фирма која победила на тендер пред 21 година. МВР не открива кога и под кои услови е продолжуван првичниот договор сè до денес. МВР не ги открива ниту важечките договори за изработка на личните документи со образложение дека се класифицирани како „доверливи“. Министерството смета дека изнесувањето на податоците од склучените договори ќе имало последици врз нивното работењето, без да наведе за какви последици станува збор.

Како „доверливи“ се заштитени од објавување дури и бројот на лични документи (пасоши, лични карти и возачки дозволи) кои се изготвени во изминатите години. МВР ги открива само вкупните финансиски податоци.

Со ваквата тајност на целиот договор и неговите анекси, се ограничува увидот на јавноста во финансиските и во договорните аспекти на оваа набавка.

Нејасно е врз основа на кој закон е спроведена оваа набавка, која е исклучена од редовните конкурентски постапки за јавни набавки. Оттука, јавноста не може да провери дали исклучувањето од редовните правила било законски оправдано, неопходно и пропорционално.

Вториот случај е тендерот на МНР за закуп на авиони. Летовите за евакуација на граѓаните од Блискиот Исток чинеа 1 милион евра, плаќани однапред, над законскиот лимит.

Евакуациските летови од Дубаи и Ријад во март 2026 година се платени авансно, што е спротивно на Законот за јавните набавки, кој предвидува дека максималниот износ на авансот може да изнесува до 20 % од вредноста на договорот. Авансните плаќања не биле обезбедени со банкарска гаранција како што предвидува Законот и не биле однапред предвидени во тендерската документација. За евакуациските летови се спроведени еден неуспешен и еден успешен тендер, по којшто е склучен договорот за закуп на авионите. Тендерите се спроведени во рамките на Законот за јавните набавки кој за итните ситуации дозволува директно контактирање на фирмите. Но, документите откриваат низа одлуки кои, земени заедно, ја оневозможиле реалната конкуренција.

Првиот тендер во кој понуди биле побарани од 9 фирми е поништен. Во втората постапка, барањето за доставување понуда било испратено само до една фирма — Авиалог Скопје, за која МНР тврди дека дознала дека е претставник на FlyDubai. Како доказ за поврзаноста меѓу Авиалог и FlyDubai, МНР достави картичка за ангажман во FlyDubai која му припаѓа на физичко лице — основачот на Авиалог, но која не докажува деловна или правна поврзаност меѓу двете компании.

Фирмата доставува понуда следниот ден, на 6 март во 14 часот, по што во истиот ден следувале преговори, склучување на договор, издавање на фактура со датуми за првите 2 лета и плаќање на фактурата од страна на МНР.

Тендерот за училишниот базен во Општина Чаир беше вреден 890 илјади евра, но базенот беше завршен само на хартија.

Општина Чаир на 21 ноември 2025 година до Електронскиот систем за јавни набавки доставила известување дека договорот за изградба на затворен базен во ОУ „Исмаил Ќемали” е 100 % реализиран, објектот беше свечено промовиран дури по шест месеци.  Општината  го прогласила базенот за изграден во истиот ден кога добила извештај од надзорот кој набројува незавршени работи и допрва бара приклучување на електрична и водоводна мрежа, за да се изврши финалното тестирање на базенот. Изградбата на базенот иницијално требала да биде завршена во јануари 2025 година. Наместо да ја активира договорната казна предвидена со договорот, Општина Чаир двапати го продолжила рокот за реализација на барање на самиот изведувач. Брзањето договорот да се прикаже како завршен доаѓа во период кога фирмата носител на договорот, Еуровиа од Желино, во меѓувреме преименувана во ЕАКОМ од Тетово, заедно со друга фирма,  аплицирала на нов оглас за изградба на уште еден затворен базен во Општина Чаир, овој пат во училиштето „7 Март“, се вели во истражувањето на ЦГК.

Овој проект е спроведен во рамките на проектот „Јавен надзор над јавните набавки“, со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ