четврток, 11 јуни 2026

Аксиос: Трамп ги откажа нападите врз Иран, договорот е блиску, но Техеран сè уште не потврдува

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ги откажал планираните напади врз Иран и тврди дека иранското раководство го одобрило нацрт-договорот со кој би се продолжило примирјето, повторно би се отворил Ормускиот теснец и би почнале 60-дневни преговори за иранската нуклеарна програма.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според Аксиос, Трамп повеќепати досега тврдеше дека договорот е на дофат, додека Иран сè уште јавно не потврдил дека е постигната спогодба. Сепак, три извори запознаени со преговорите изјавиле за американскиот медиум дека за време на разговорите меѓу иранските претставници и катарските посредници во средата биле значително намалени клучните разлики.

Иранската агенција Фарс првично негираше дека е постигнат договор, но наведе дека постои „можност“ Техеран да размисли за негово одобрување.

„Врз основа на фактот дека разговорите со Исламската Република Иран се доведени до највисокото ниво на иранското раководство и се одобрени, јас, како претседател на Соединетите Американски Држави, ги откажав планираните напади и бомбардирања врз Иран за оваа вечер“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут сошл.

Тој додаде дека конечните точки на договорот, „и во концепт и во големи детали“, се одобрени од сите вклучени страни – САД, Израел, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Турција, Пакистан, Бахреин, Кувајт, Јордан и Египет.

Според Трамп, американската поморска блокада ќе остане во сила додека договорот не биде официјално финализиран, а местото и времето на потпишувањето ќе бидат објавени наскоро.

Од друга страна, Фарс, полуофицијална агенција поврзана со Иранската револуционерна гарда, повикувајќи се на „добро информиран извор близок до иранскиот преговарачки тим“, објави дека „не е одобрен никаков текст на прелиминарен меморандум за разбирање со САД“.

Во еден подоцнежен извештај, агенцијата наведе дека Вашингтон го прифатил „иранскиот предложен текст“, поради што Техеран би можел повторно да го разгледа договорот.

Аксиос пишува дека преговорите продолжиле до доцна во средата вечерта во Техеран, каде што катарскиот пратеник Али ал Тавади и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи работеле на надминување на преостанатите разлики меѓу САД и Иран.

Три извори запознаени со разговорите тврдат дека катарските и иранските претставници уште во средата верувале дека е усогласен текст што би можел да биде прифатлив и за Вашингтон.

Според нив, разликите биле значително намалени околу три клучни прашања: механизмот за ослободување на замрзнатите ирански средства, што е најважното прашање за Техеран, условите за повторно отворање на Ормускиот теснец за време на 60-дневното примирје и начинот на кој ќе се водат преговорите за иранската нуклеарна програма во текот на тој период.

Изворите за Аксиос велат дека иранските претставници во четвртокот известиле неколку држави дека разговорите во Техеран довеле до начелен договор, но дека е потребно конечната согласност да ја даде врховниот лидер Моџтаба Хамнеи.

Тие исто така посочиле дека и Иран и Катар сметаат оти американските напади во текот на ноќта значително ја зголемиле недовербата на Техеран кон вистинските намери на Трамп.

Само неколку часа претходно, американскиот претседател објави дека САД „многу силно ќе го погодат Иран вечерва“.

Аксиос наведува дека Белата куќа и претходно неколкупати верувала дека договорот е непосредно пред постигнување, но дека преговорите потоа повторно пропаѓале, па останува неизвесно дали овојпат ќе биде постигната конечна спогодба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ