Според иранската новинска агенција Фарс, државниот погреб ќе се одржи во периодот меѓу 26 јуни и 5 јули.
Првично, церемонијата беше закажана за 4 март, но беше одложена поради избувнувањето на војната и безбедносните околности во земјата.
Иранските власти неодамна предложија тридневна државна жалост и погребни церемонии во средината на јуни, кои требаше да се одржат во Техеран, како и во светите градови Ком и Машхад, каде што е предвидено Хамнеи да биде погребен. Со новата одлука, тие активности ќе бидат поместени за подоцнежен термин.
Според иранските медиуми, властите сакаат погребот да биде масовен државен и верски настан, со присуство на домашни и странски делегации, поради што е потребно дополнително време за организација и безбедносни подготовки.
Али Хамнеи загина на 28 февруари во првиот бран израелско-американски воздушни напади врз Иран, со што започна актуелниот конфликт во регионот. По неговата смрт, иранските власти брзо го воспоставија новото државно раководство, додека земјата продолжи со воените и дипломатските активности во услови на војна.
Одложувањето на погребот доаѓа во време кога Иран и САД, со посредство на неколку регионални држави, водат интензивни преговори за продолжување на прекинот на огнот и намалување на тензиите на Блискиот Исток. Иранските власти засега не соопштија дали на погребот ќе бидат поканети странски државници и лидери на сојузничките земји.






