петок, 12 јуни 2026

Кошта пред самитот на ЕУ следната недела: Украина останува приоритет за Европската Унија

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта го најави самитот на земјите членки на Европската Унија, кој ќе се одржи на 18 и 19 јуни во Брисел, и во поканата до лидерите порача дека „Украина останува приоритет за Европската Унија“.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

„Нашата средба ќе биде можност да испратиме силен сигнал на единство и, се надевам, да го поздравиме отворањето на првата фаза од пристапните преговори со Украина и Молдавија, што претставува важен чекор на нивниот пат кон Европската Унија“, изјави Антонио Кошта.

На дневен ред на самитот ќе бидат и упадите на беспилотни летала во воздушниот простор на Европската Унија, кои, според Кошта, „ја нагласуваат итната потреба од унапредување на нашата заедничка програма за одбранбена подготвеност“.

„Украина постигна дополнителни успеси на бојното поле, додека Русија не успева да ги оствари своите воени и стратегиски цели“, напиша Кошта, додавајќи дека непосредно пред почетокот на самитот ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Кошта оцени дека досегашниот пристап на Европската Унија бил успешен, комбинирајќи поддршка за Украина со засилување на притисокот врз Русија.

Тој додаде дека „сè побезобѕирното и понеодговорно однесување на Русија кон земјите членки на Европската Унија е неприфатливо и е многу повеќе од обично демонстрирање сила“.

Покрај Украина и европската безбедност, лидерите на ЕУ на самитот во Брисел ќе разговараат и за одбранбените капацитети на Унијата, конкурентноста на европската економија, миграцијата и процесот на проширување на блокот. Отворањето на првата фаза од пристапните преговори со Украина и Молдавија се смета за една од клучните политички теми на состанокот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ