петок, 12 јуни 2026

Мицкоски и Муцунски во Истанбул на бизнис форум за унапредување на економската соработка со Турција

Во Истанбул денеска ќе се одржи бизнис форум посветен на јакнење на економските врски и промоција на инвестициските потенцијали на Македонија пред турската деловна заедница.

Објавено на

часот

Сподели

Форумот се организира во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, како дел од Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата на Македонија и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП. Форумот има за цел да ги поврзе институциите и бизнис секторот од двете земји преку директни контакти и разговори насочени кон отворање нови можности за соработка и заеднички инвестиции.

На настанот е најавено учество на претседателот на Владата на Македонија, Христијан Мицкоски, кој ќе предводи владина делегација составена од ресорни министри од економската, енергетската и инфраструктурната област. На форумот ќе учествува и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој заедно со неговиот хомолог министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат ќе го отворат настанот.

На маргините на форумот, министерот Муцунски ќе оствари билатерална средба со министерот Болат, на која се очекува да стане збор за економските односи меѓу двете земји, можностите за натамошно зголемување на трговската размена, привлекувањето инвестиции, како и за унапредувањето на севкупната економска соработка, се додава во соопштението.

Од турска страна, домаќин на форумот ќе биде министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат, а организацијата ја спроведуваат Министерството за трговија на Турција и DEİK – Советот за надворешни економски односи.

Во рамки на програмата ќе бидат претставени инвестициските потенцијали на нашата земја, а настанот ќе вклучи и официјални обраќања, тематски панели посветени на трговијата, енергетиката и инфраструктурата, како и Б2Б средби меѓу компании од двете земји, со фокус на размена на искуства и унапредување на соработката во клучните економски сектори.

Форумот е наменет за компании кои имаат интерес за проширување на своето присуство на меѓународните пазари и воспоставување нови деловни партнерства во рамки на регионалната економска соработка.

Во континуитет на ваквите активности, како дел од пошироката серија промотивни настани за позиционирање на Македонија како атрактивна инвестициска дестинација, сличен бизнис форум неодамна се одржа и во Будимпешта. Овие настани претставуваат дел од пошироките напори за промоција на економските потенцијали на земјата и привлекување нови странски инвестиции преку директна комуникација со меѓународната бизнис-заедница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ