петок, 12 јуни 2026

„Џилиан“ – нов роман на Агрон Усеини

Романот „Џилиан“ е трето книжевно дело на Агрон Усеини. По успешниот фантастичен серијал „Овириум“, писателот се насочува кон нов жанровски правец што ги обединува драмата, мистеријата и егзистенцијалните прашања.

Објавено на

часот

Сподели

Романот е објавен во издание на Антолог и е достапен во книжарниците на Антолог, Литература, како и преку онлајн продажба.

Во центарот на приказната е Џилиан, жена која се соочува со дијагноза за неизлечлив канцер и сознанието дека нејзиното време истекува. Но, во миговите кога се обидува да ја прифати својата судбина, нејзиниот живот започнува да се менува под влијание на необјасниви настани што ги надминуваат границите на логиката и науката.

Соочена со мистерија која не изгледа човечка, Џилиан е исправена пред одлука што нема да ја одреди само нејзината судбина, туку и самото значење на нејзиното постоење – дали да го прифати неизбежното или да се обиде да го врати изгубеното време.

„Џилиан“ е роман за истрајноста, храброста и надежта во најтешките животни моменти. Истовремено, делото отвора прашања за времето, судбината и границите на човечката природа, нудејќи им на читателите приказна исполнета со емоции, неизвесност и длабоки животни дилеми.

На промоцијата Агрон Усеини зборуваше за сопствените животни битки и искуства кои оставиле трага врз неговото творештво, но и за предизвиците што ги носи самиот процес на создавање книга. Тој се осврна на симболиката во романот, на идеите што стојат зад приказната и на патот од првичната замисла до нејзиното објавување. Разговорот со присутните отвори повеќе теми за врската меѓу животот и литературата, за улогата на писателот во современото општество и за книжевноста како простор каде што личните искуства добиваат универзално значење.

Со „Џилиан“, Агрон Усеини ја продолжува својата авторска еволуција и на македонската читателска публика ѝ нуди уште едно возбудливо книжевно патување кое ги предизвикува воспоставените граници меѓу реалноста, фантазијата и човековата потрага по смисла.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ